На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ претпладнево пристигнаа првите 189 холандски гости за оваа сезона, со чартер лет на Корендон и тур- операторот Фибула Ер Травел.

– Осми пат доаѓам во Македонија. Прв пат бев тука пред 7 години и навистина се вљубив во вашата земја. Среќна сум што сум повторно тука, ми надојдоа солзи во очите кога авионот слетуваше на аеродромот во Охрид, се осеќав како да си доаѓам дома , изјави една од гостинките од Холандија кои денес пристигнаа во Охрид.

Оние гости кои за прв пат се во Охрид велат дека за нашата земја се информирале од туристичките книги во кои виделе дека Македонија располага со прекрасна природа и богата култура, што ги привлекло да дојдат во Охрид.

Гостите од Холандија и официјално ја отворија годинешната туристичка сезона, за кога се очекува за 20% поголем број гости од земјите на Бенелукс, споредено со минатата година.

– Минатата сезона во охридско- струшкиот регион престојуваа околу 23.000 гости од земјите на Бенелукс. Оваа година очекувањата се дека бројката ќе се зголеми од 20 до 30%. Се работи на адапатација и реновирање на постоечките хотелски капацитети, како и на збогатување на туристичката понуда за гостите. Новина е што Фибула Ер Травел оваа година, од средината на месец јуни до крај на септември  воспоставува и чартер лет од Анталија до Охрид, изјави Асим Меџедовиќ, извршен директор на Фибула Ер Травел .

Од Агенцијата за промоција на туризмот потенцираат дека зголемувањето на бројот на странски гости е доказ дека напорите кои ги вложува владата за привлекување на странски туристи резултирале со плод.

– Секоја година сме се подобри, и гостите се чуствуваат подобро, а и ние учиме од гостите. Еве охридско- струшкиот регион е се подобар во однос на самиот дочек и организација и содржините кои им се нудат на гостите. Сметам дека ги задоволуваме вкусовите и на најпребирливите гости, додава Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.  

OhridNews

Со чартер од Амстердам започнува туристичката сезона, наскоро директен лет до Охрид и од Турција, ХОТАМ смета дека треба повеќе