Нехигиената во училишните тоалети, лошата состојба во која тие се наоѓаат, заклучувањето на влезната врата по започнувањето на првиот час, односот професор- ученик- се најчестите забелешки на охридските средношколци, анкетирани во рамки на неодамна спроведеното истражување од страна на Младинскиот совет Охрид, со цел да се согледа од што тие се задоволни,а од што не, онаму каде што поминуваат голем дел од денот- во училиштата.

Со истражувањето биле опфатени 10% од вкупниот број средношколци во општина Охрид, ученици во трите средношколски центри- ОУТУ „Ванчо Питошески“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОСО „Св. Климент Охридски“.


Најголем проблем за анкетираните ученици е нехигиената во тоалетите и лошата состојба во која тие се наоѓаат. Тие бараат да се санираат штетите и тоалетите да се доведат во пристојна состојба. Дел од нив бараат и да не се заклучува влезната врата по почетокот на наставата, затоа што често пати поради доцнење на автобусот со кој доаѓаат од селата во кои живеат, не можат навреме да стигнат за да присуствуваат на првиот час, па поради затворената врата доколку задоцнат не можат да влезат во училиштето и да ја следат наставата, вели претседателот на МСО, Димче Каневче.

Средношколците се пожалиле и што некои професори користат мобилен телефон за време на часот, дека недоволно ги почитуваат учениците, и дека некои од нив користат недолични зборови.


Освен што ги изнеле своите забелешки, учениците истакнале и од што се задоволни. Најголемиот број од нив навеле дека ги радува што е воведено задолжително носење на училишна униформа, како и можноста да учествуваат во бројни проекти што им овозможува да ја изразат својата креативност. 

Забелешките и пофалбите од средношколците им биле соопштени и на претставниците од трите средни училишта на неодамна организраната средба. 

Тие се согласија дека дел од наведените забелешки на учениците се издржани, но објаснаа дека за тоа постојат и оправдани причини. Тоа се финансиските проблеми и недостатокот од персонал кој би ја одржувал хигиената во тоалетите. При тоа, беше потенцирано дека за лошата состојба во која се наоѓаат тоалетите виновни се и самите ученици и нивното несовесно однесување, вели Каневче.

Од страна на претставниците на средношколските центри било ветено дека наведените проблеми и забелешки ќе бидат изнесени на наставнички совет со цел да се увиди реалната состојба и да се превземат соодветни чекори за решавање на проблемите.

Т. Кувенџиска