Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва, со попчеток во 21 часот, во црквата Св. Софија љубителите на класичната музика ќе имаат можност да го проследат концертот на Андреј Гридчук- виола и Наталија Рубинштејн- пијано.

Андреј Гридчук својот прв настап го имал на 6-годишната возраст со филхармонискиот оркестар од неговиот роден град Иркутск. Следната година тој бил  примен во познатата Централна музичка школа во Москва. Студиите по виола ги продолжил на Московскиот конзерваториум „Чајковски“ во класите на Ј. Јанкелевич и Ј. Башмет кај кого наскоро стана асистент. Гридчук има настапувано со Филхармонискиот оркестар на Радио Франција, Симфонискиот оркестар на Хамбург, Московската Филхармонија, Загрепската Филхармонија и многу други.  Како камерен музичар, Гридчук настапува со истакнатите музичари В. Репин, Б. Березовски, М. Мајски, Д. Ситковецки, Квартет „Бородин“, П. Франк, С. Исерлис и други. Свири на виола направена во 1750 г. од Паоло Антонио Тесторе. Од 1993 г. Гридчук е солист-виолист на Берлинската Опера.

Наталија Рубинштејн, како основач на Триото „Брамс“ има настапувано во Русија, Австрија, Италија, Австралија, Јужна Кореја, Турција, Германија, Белгија, Полска, Хрватска и Македонија. Соработувала со Д. Васиљев, В. Балшин, А. Толпиго, А. Тростјански, Ј. Милкис, А. Књазев, Г. Писаренко, А. Мартинов, Х. Герзмава, А. Фиделиа, К. Балсроп и други. Нејзината дискографија ги вбројува делата на Бетовен, Шуберт, Брамс, Чајковски, Аренски, Глинка, Рахманинов, Шостакович, Шнитке, Блох и Пјацола. Наталија Рубинштејн е постојан учесник на концертните серии во Малата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ и уметнички директор на Меѓународниот фестивал „Арт-Ноември“ во Москва. Од 2002 г. таа е заслужен уметник на Русија. Исто така, таа е професор по камерен ансамбл на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва.

На вечерашниот концерт, Гридчук и Рубинштејн ќе изведат дела од Брамс и Франк.

OhridNews