Мал е бројот na инспектори во овој момент кои се одговорни за следење на состојбите со рибниот фонд на езерата, вклучително и на Охридското, на кое му е потребна поефикасна служба за контрола на изловот на риба. Ова е оценка на директорот на Државниот пазарен инспекторат Зоран Шапуриќ кој вчера престојуваше во работна посета на Охрид, каде оствари средба со претставници на новоизбраниот концесионер на Охридското Езер, на Хидробиолошкиот завод и инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство задолжени за контрола на риболовот. Според него на езерото му е потребна поефикасна служба за контрола на изловот на рибата.
Концесионерот на средбата рече дека моментално располага со 12 рибочувари со план за зголемување на нивниот број, со 40 рибари, како и обезбеден глисер за контрола на езерото. Во тек е постапка за набавка и на глисер за потребите на Државниот инспекторат, важно е да се вработат уште неколку инспектори оттаму што со два глисери и повеќе рибочувари ќе се подобри физичката заштита на рибниот фонд во езерото, рече Шапуриќ.
Првиот човек на Државниот инспекторат смета дека слабата контрола на изловот риба од албанската страна, како и климатските промени, исто така влијаат на намалениот рибен фонд во Охридското Езеро.
Хидробиолошкиот завод заедно со концесионерот треба да споведуваат истражувања за запирање на негативниот прираст на риба во езерото, а истовремено и да спроведуваат активности за конкретна физичка заштита на рибата и спречување на рибокрадството. Секако тука е важна и соработката со соодветните институции и субјекти од другата страна на езерото, истакнае Шапуриќ.
Нов концесионер што наредните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро е фирмата „Летница Белвица“, која го добива езерото на користење со изменета риболовна основа. Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот.
Според директорот на Државниот пазарен инспекторат, кординирана активност на полицијата, концесионерот и инспекторска служба за зајакнат капацитет, ќе продонесе за поголема заштита на рибата во езерото. Тој посочи и на можностите заштитата на рибниот фонд во езерото да се подобрува и преку проекти финансирани од претпристапните фондови на ЕУ.
OhridNews