Во време на славење на големите зимски верски празници Божик, Василица, Водици…се актуелизира прашањето на усогласување на календарите според кои западот и истокот ги одбележуваат празниците. Ова особено што земјите од ЕУ го применуваат Грегоријанскиот, а православните земји од Југо-источна Европа, меѓу кои и Македонија се уште се раководат според стариот Јулијансјки календар. Така речиси два месеци земјите од западот и истокот се во расчекор со празнувањата на христијанските празници, што силно влијае пред се на економијата. Во периодот од католички Божик до Нова година (25-ти декември – 31 декември) Европа не работи, додека кај нас ситуацијата е обратна, неработни се верските празници според Јулијанскиот календар кои се одбележуваат во јануари. Потребата од унифицирање на датумите на кои се одбележуваат верските празници ја почувствуваа и земјите членки на ЕУ во кои живее православно население, меѓу кои се соседните Грција и  Бугарија, кои Божик, Нова година и Велигден сега ги слават според Грегоријанскиот календар.

Кај нас сериозно сеуште не се размислува за ова прашање, а испитувањата на јавното мислење покажуваат дека Македонците одбележувањето на празниците го сметаат за традиција, која според мнозинството од нив не треба да се менува. На тоа несомнено  упатуват и резултатите од анкетата што ја спроведе OhridNews, изминатите денови. На прашањето: Дали треба да се промени календарот на славење на верските празници? – 70 отсто од испитаниците одговориле со НЕ, односно сметаат дека треба и натаму да празнуваме според стариот Јулијански календар. За промена, односно прифаќање на Грегоријанскиот календар се 30 отсто од учесниците во анкетата со која беа опфатени 3412 читатели на OhridNews.

Јулијанскиот календар е постар, Грегоријанскиот попрецизен

Јулијанскиот календар е постар, но  некои негови недоследности довеле до потребата од негово реформирање.

Една од главните причини кои довеле до реформа на Јулијанскиот календар било славењето на верскиот празник Велигден. Велигден е еден од најголемите христијански празници, кога се празнува воскреснувањето на Исус Христос. Одредени држави (Македонија, Србија и Црна Гора, Русија, Украина) и денес Велигден го слават според стариот Јулијански календар, додека останатите христијански држави, Велигден го празнуваат по новиот Грегоријански календар. Од кога почнал да се прославува, Велигден бил забранет како државен празник само за време на комунистичката ера во социјалистичките држави.


Декретот со кој во 1582 година е извршена реформа на календарот

На првиот Вселенски собир во Никеја во 325 година од оваа ера, на кој учествувал и верски претставник од градот Стобијас – Стоби, решено e Велигден секогаш да се прославува после пролетната рамноденица и еврејскиот празник Пасха (Paschal), и тоа во првата недела по полната Месечина.

Меѓутоа, Јулијанската година оди понапред (скоро еден ден на секои 128 години) во однос на тропската година, па поради тоа доаѓа до појава на вишок денови. Така, според овој календар, во 1582 година Велигден требало да се прославува на 11 март, што не било во согласност со црковниот закон.


Папата Грегориус XIII

За таа цел Римскиот папа Грегориус (Gregorius XIII, вистинското име му е Ugo Buoncampagno, 1502 – 1585) на 24 февруари таа година, донесува декрет познат под името Inter Gravissimas, што на латински значи „меѓу најважното“. Реформатори на календарот се всушност германскиот астроном и свештеник Christopher Clavius (вистинското име му е Chrisopher Schiussel, 1538 – 1612) и италијанскиот астроном и физичар Aloysius Lilius (вистинското име му е Luigi Lilio Ghiraldi).


Реформаторите на Јулијанскиот календар – Клавиус и Лилиус

Реформите на новиот календар се состоеле во тоа што прво биле исфрлени 10 дена, така што по тој четврток, 4 октомври, следниот ден станал петок 15 октомври, наместо петок, 5 октомври. Оваа одредба донела голема забуна и побуна кај населението, кое сметало дека им се украдени 10 дена од животот. Вториот декрет се состоел во тоа што секоја четврта година, како и секоја секуларна година (година од новиот век во која третата и четвртата бројка се две нули) која е делива со 400 без остаток, биле прогласени за престапни години. Така на пример: 1600 година е престапна година, затоа што е делива со 400 без остаток, но 1700, 1800, 1900 не се престапни затоа што кога се делат со 400 има остаток. Според Грегоријанскиот календар и 2100 година нема да биде престапна (делива е со остаток), па така разликата помеѓу Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар тогаш ќе се зголеми на 14 дена.

Значи, сегашната разлика помеѓу двата календари изнесува 13 дена, кои се добиени од 10-те одземени дена (во 1582 година) и трите секуларни години (1700, 1800 и 1900) кои не биле престапни според Грегоријанскиот календар (во Јулијанскиот календар овие години се престапни).

Реформите на новиот календар донеле уште неколку одредби и тоа: денот кој се јавува како одвишок во престапните години се поместува по 28 февруари (29 февруари); новата година започнува на 1 јануари; Велигден се прославува по новиот Грегоријански календар.

Први држави кои го прифатиле овој календар биле Италија, Шпанија, Португалија и Полска. Тие почнале да го употребуваат календарот веднаш по реформата во 1582 година. На територијата на Македонија Грегоријанскиот календар го користи од 23 јануари 1919 година.

OhridNews