Охридските пазарџии склучија пакт и ги унифицираа цените на земјоделските производи. Така на зелениот пазар во Охрид сега најголемиот дел од производите се продаваат по цена од 50 денари за килограм. Толку чини патлиџанот, пиперката, праската, сливите и ред други производи. Да не се мачат купувачите да пресметуваат различни цени, подобро е вака „округло“ 50 денари, полесно се собира нели.

Како разумен човек да го свати овој антипазарен чин, освен како уште една голема антиреклама за Охрид. Како ретко каде на друг пазар, во Охрид  сите патлиџани од ред чинат по 50 денари. Не е битно дали се мали или големи, оранжериски или од нива, охридски или увозни. Се е по 50 комшија, ни вели пазарџијата.


домашен или странски сеедно цената му е 50 денари

Тој и неговите колеги се правдаат дека сега било сезона и требало да заработат, демек утре пазар нема да има. Никој не е против да заработат ама да има пазарна логика. Не може сите пиперки да се иста цена, ама во Охрид може. Се е по 50 денари.

А истите овие пазарџии до вчера жестоко протестираа против фискализацијата. Не можеле да опстанат доколку работеле со фискални каси. Цената во пазарен ден се менувала од час во час, како тоа ќе се регулирало, велеа тогаш разгневените пазарџии. Десетина дена подоцна веројатно ни ја понудија најголемата причина зошто не сакаат да се фискализираат. Ќе треба да го правдаат пред државата ќарот кој на одредени производи им е од 500 до 1000%.

На анкетното прашање на ohridnews „Дали зелените пазари треба да се фискализираат?“ 502 посетители или 71%  одговориле потврдно. Против се 111 или 16%, додека 93-ца или 13% од испитаниците сметаат дека пазарџиите треба да плаќаат паушал. Пазарџиите многу не му се секираат за јавното мислење. Кај нив од вчера се е по 50. Наздравје пазар.

Горан Момироски