Во манастирот „Св. Климент Охридски и св. вмч. Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид се одржи наречение на новоизбраниот архиереј Дебарско-кичевски, архимандритот Георгиј.
На Наречението чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со членови на Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. По завршувањето на овој свечен чин следуваше заедничка Воскресна вечерна богослужба, на која началствуваше архимандритот Георгиј.
Хиротонијата и востоличување на новиот митрополит Георгиј, ќе биде утре на Божествена литургија во Катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, со почеток во 8:30 часот.
Светиот архиерејски синод МПЦ-ОА, на својата редовна седница во полн состав, на 12 јуни годинава едногласно го избра архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, како наследник на блажено упокоениот митрополит Тимотеј.
Отец Георгиј (Ѓоко Ѓоргевски) е поранешен декан на Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и поранешен амбасадор во Ватикан. Замонашен беше на 27 мај, следниот ден, 28 мај избран за јероѓакон, додека на 29 мај за јеромонах.
Н.С.Ј.