Годинава признанието „Инженерски прстен“ го добија: Александра Каневче од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Бојан Митровски од Техничкиот факултет во Битола, Елена Камчева од Технолошко-металуршкиот факултет, Елеонора Ангеловска од Машинскиот факултет, Марија Милошеска од Архитектонскиот факултет, Марија Смилјаноска од Шумарскиот факултет, Симона Марковска од Градежниот факултет, Соња Бачева од Факултетот за земјоделски науки и храна, Трајче Бошевски од Факултетот за природни и технички науки од Штип.
Врачувајќи им ги наградите, претеседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, истакна дека со оваа традиционална манифестација се верификува знаењето на оваа генерација студенти кои се иднината на државата.
– За Македонија е чест е што има такви млади луѓе кои со своето знаење ќе придонесат за менување на државата, во насока на спроведување на европските стандарди, европските критериуми, европски принципи во сите сфери на вашето дејствување, рече претседателот Иванов.
За добирниците „Инженерскиот прстен“ претставува огромна нематеријална награда и поттик за нови успеси и професионално надоградиување.
– Беше напорно, но најважно за постигнување успех е трудољубивоста, но секако и желбата и мотивацијата, рече Симона Марковска, која студиите на Градежниот факултет ги заврши со просек десет.
Честитки до наградените студенти упати и министерот за образование Никола Тодоров, кој истакна дека Македонија е привилегирана што има исклучителен инженерски кадар.
– Ова е голема привилегија затоа што во светот е глобален феномен да се намалува бројот на студенти кои го изучуваат инженерството и мислам дека е добро на овој начин да ги стимулираме сите млади во Македонија повеќе да се определуваат за природните и технички науки, што е мошне битно за развојот на државата, рече Тодоров, напоменувајќи дека најверојатно ќе треба да се воведе нова стипендија за мажи, забележувајќи дека поголемиот дел од добитниците се од понежниот пол.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е случајно тоа што манифестацијата што вообичаено се одржуваше во месец јуни се совпаѓа со почетокот на предизборната кампања, министерот Тодоров истакна дека тоа прашање треба да им се упати на организаторите.