Советот на општина Охрид го усвои правилникот за субвенционирање на туристичка такса на вршителите на угостителска дејност од мал обем.
Со правилникот се пропишува начинот и видот на субвенционирање, со цел поттикнување на физичките лица запишани во регистарот на вршители на угостителска дејност од мал обем, уредно да ја водат евиденцијата за престојот на гостите во својот сместувачки објект.
– Правилникот за субвенционирање на туристичка такса долго време беше најавуван, но сега за прв пат се донесува. Веруваме дека оваа реформа ќе донесе многу средства во буџетот на општината. Ние и претходно максимално ја подобривме наплатата на туристичката такса, веруваме дека сега ќе ги стимулираме сите оние кои до сега на извесен начин го избегнувале плаќањето на таксата, да ја плаќаат во што поголем број со што локалната самоуправа по однапред утврдена процедура, преку комисија за утврдување на субвенциите, врз основ на донесениот правилник од советот, ќе врши враќање на средствата во висина до 50% од уплатените пари за туристичка такса . Верувам дека охриѓани ќе се задоволни од оваа одлука, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Согласно правилникот, субвенции можат да остварат сите физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем кои се регистрирани во регистарот на физички лица кои вршат угостителска дејност од мал обем и поседуваат решение за Упис, решение за извршена Категоризација на сместувачкиот објект (не постаро од три години), водат книги за евиденција на домашни и странски гости заверени во МВР (не постари од три години); поседуваат договор со туристичка агенција или туристичко биро и уплатница за извршена уплата за ТПП.
Т.К.