По повод 70 годишнината од формирањето на батаљонот ” Мирче Ацев ” и 21  роденден на АРМ, вчера, на планината Славеј, општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓани продолжувачи  во општините Охрид и Дебарца организираше свечен собир.

Во присуство на членови на Сојузот на борци –  учесници во НОБ и продолжувачи на светлите традиции од НОБ, делегација на Главниот одбор на СБ на Македонија, на основни организации од Скопје, на Општинската организација на СБ од Струга и Кичево, на основни организации од Дебарца, делегација  на АРМ, на локалната самоуправа на општина Дебарца предводена од Градоначалникот Игор Трајкоски, претставници на Здруженија и Невладини организации, на политички партии и други присутни гости, за значењето на празникот зборуваше претседателот на Општинската организација на СБ за Охрид и Дебарца  – Гоце Георгиески.

Пригодно обраќање пред присутните имаше и претставникот на Министерството за одбрана на АРМ – Потполковник Благоја Мијакоски,  командант на гарнизонот во Кичево, кој на присутните им ги честита двата значајни дена за нашата држава.

Навраќајки се на 18 Август пред 70 години претседателот Гоце Георгиески истакна дека Славеј со камениот споменик вечно ќе потсетуваат и на денот меѓник и на значајниот историски настан во развојот на НОБ на Македонија, тоа е денот што ги исполни со чувство на гордост сите присутни кои имаа можност да учествуваат во создавањето на првата единица на НОВ на Македонија, нудејќи ја својата приврзаност кон делото за слободата на татковината. На тој начин батаљонот “Мирче Ацев ” влезе во прегратките на намачените селани од Дебарца, Копачијата Малесија, како нивно чедо во чии редови се наоѓаа најдобрите синови на ова намачена и со векови ограбувана земја.

Организаторите потенцираат дека јубилејот се одбележува свечено, со цел да им се оддаде почит на погинатите и починатите борци  и за да не се заборават историските мигови и да не се повторат ужасите од минатото.