Што му треба на Охрид во поглед на спортот? Компетентни лица од оваа област, врвни спортисти изнесуваат свои мислења. Според нив, потребна е Национално општествена стратегија за удирање на прогресивни темели за развојот на спортот, менување на свеста, но и едукација за спортот. Мора да има повеќе настани за едукација на млади и да се стимулираат тие што имаат талент да бидат спортисти, да бидат поддржини од општината, да се издвои буџет за талентирани деца. Да се одржува финкционалноста на постечките фитнес зони. На Охрид му недостадуваат спортски терени, спортски работници, спортски услови, деловен и индустриски развој, елитен туризам, зеленило, а не бетон. Исто така му фалат активности во текот на зимскиот период, како и велосипетска патека низ цел источен брег до Св.Наум.

На Охрид му требаат многу промени во областа во која јас работам, впрочем тоа сум убеден важи и за сите други области. Во еден мал дел имаме позитивен прогрес, но, генерално кога ќе се гледа сликата сето тоа е  премалку. Гледано од таа страна има многу работи кои треба да се сменат или надградат во област на спортот за што би ми било потребно многу повеќе простор за пишување бидејќи не се толку едноставни работите, вели Иван Цветкоски, директор на атлетската манифестација „Охрид трчаТ“.

Од детски спорт до спортска инфраструктура, спортски туризам, менаџирање, промоција, училишен спорт, врвен спорт, клубови, спортски настани, рекреација па се до човечките ресурси во спортот се сегменти кои треба да се менуваат, се разбира кој помалку кој повеќе. Но, сето тоа ќе го оставиме на страна бидејќи за мене сето тоа за да се менува има два предуслови кои се есенцијални доколку сакаме подобар спорт, а со тоа и подобар град за живеење. Како прво, час поскоро ние да почнеме да се менуваме на подобро (свест, култура, вредности, едукација, навики) и второ изработка и дословна примена на национално општествена стратегија за удирање на прогресивни темели на развојот на спортот. Ние можеме да пишуваме, говориме многу бидејќи убеден сум дека сите знаат како изгледа подобро и што се треба, но за сето тоа се потребни двата горенаведени предуслови без кои, јас сум убеден, ние нема да мрднеме од оваа позиција, и тоа не само во спортот, што за мене е поразително, со оглед на векот и годината во која живееме. – вели Цветкоски.

Во Охрид се потешко и потешко е да бидеш професионалец во својот спорт, како и да бидеш успешен во тоа што го работиш. Пред околу 5-6 години јас бев иницијатор за организирање разни активности поврзани со фитнесот и бодибилдингот како и за тоа како треба правилно да се вежба, развива и како треба младите да ги натераме да излезат да спортуваат се со цел да бидат поздрави, повитални и полни со енергија и живот во нив, вели боди билдерот Гоце Мојсоски.

Тогаш Општина Охрид ги поддржа максимално моите проекти, благодарение на тогашниот градоначалник, зошто знаеше дека треба да се спортува и кои се придобивките од било кој спорт. Одржавме натпревар во бодибилдинг, одржавме натпревар бодибилдинг на плажа, имавме фитнес на отворено првиот само еден ден кој се одржа на плоштадот, а следниот фитнес на отворено траеше 7 дена, секој ден имаше различни тренинзи. Оттогаш наваму, ниту еден кој бил задолжен за раководење на спортот во нашиот град не се запрашал зошто нема веќе такви настани, но не можат да се запрашаат зошто даваат постојано на едни исти луѓе можност, а другите мора сами да се снаоѓаат, како што тоа го правев и јас за органзиација и се друго. Мора да има повеќе настани за едукација на млади и да ги стимулираме младите кои имаат талент да бидат спортисти да ги поддржи општината, да издвои мал буџет за талентирани деца кои сакаат да се занимаваат со овој спорт и што ќе чекорат секогаш напред. Постечките фитнес зони кои беа во функција се искршени и надвор од употреба. Да се погрижат надлежните за нивно постојано одржување и да бидат во функција за непречено да можат младите да го пополнуваат своето време. Да се смени системот кој функционира во општината, најпрво да се формира комисија која ќе биде стручно обучена и која ќе излезе низ нашиот град и ќе ги оценува клубовите, а воедно и ќе бира млади надежни таленти кои ќе ги стимулира за што поголем напредок и успех во иднина. На луѓето што се задолжени во дејноста спорт не им е на сите местото во канцеларија, туку надвор, по салите, на терените кадешто нашите и нивните деца спортуваат, се рекреираат, а некои и професионално се занимаваат со било каков спорт и се успешни, но никој не слушнал за нив и не ги видел. – истакна Мојсоски.

Во градов имаме многу млади врвни спортисти кои немаат каде да го покажат својот талент и да ги искажат своите спортски достигнувања, затоа што, нашите спортисти во Охрид се само во пионерска и јуниорска категорија. Заради понатамошно школување мораат да го напуштат родниот град и да продолжат со своето образование во друг град каде има универзитети, а тогаш и најчесто се откажуваат од спортот, вели олимпијката  во стрелање Нина Балабан.

Освен тоа, недостигот на силна индустрија води до тоа да и нашите спортски клубови немаат спонзори, спортистите се приморани натпреварите и опремите да ги обезбедуваат сами и сами да ги плаќаат настапите на врвните натпреварувања каде што всушност и се остваруваат меѓународните резултати. Сметам дека сето ова води кон уназадување на младината како на животниот пат така и на спортскиот и всушност тука и ја гледам желбата на нашата младина својот животен пат да го продолжи на некое друго место. Младинскиот живот е сведен на целодневно пиење кафе и алкохол во многубројните кафулиња и ништо друго. Нема театар, нема кино, нема опера, нема балет па дури ни дискотека. Едноставно, груб и краткотраен масовен туризам без резултат е двигател на нашиот град. Во последно време, нашиот град прави се за да биде само во функција на тој масовен и шестнеделен туризам, а се на штета на охриѓаните и младината која што сака да живее, да се вработи и успее во својот град. Може ова мое видување е многу критично но сметам дека е реално и дека тоа ги запира младите во развојот. На Охрид му недостасуваат, како што веќе напоменав, универзитетски центар, културен живот, спортски терени, спортски работници, спортски услови, деловен и индустриски развој, елитен туризам, зеленило а не бетон, воздух а не згради кои ја уништуваат препознатливата и автентичната архитектура и  кои ги запираат ветровите кој го чистат Охрид. Природата и историјата му дадоа се на мојот град а човечкиот фактор полека но сигурно се му одзема. Едноставно, на градов му фалат луѓе кои што го сакаат Охрид.

Спортистот, ултра маратонец Дејан Ангелоски, вели дека на Охрид му треба развиток на повеќе организации од аспект на спорт, култура и екологија.

Сметам дека на Охрид му недостигаат повеќе спортски, културни и еколошки организации, повеќе достапни и маркирани планинарски патеки со соодветни места за засолниште и одмор, на Охрид му фали младински културен центар, му фалат млади за спортување, му фалат активности во текот на зимскиот период, велосипетска патека низ цел источен брег до Св.Наум. 

 

Н.С.Ј./К.А./Г.М