“ТреккМе Охрид”, во рамки на проектот „Капацитет и иновација на туристичките услуги за одржлив локален економски развој–Нов пристап преку развој на алтернативни туристички атракции“, имплементиран од Finance Think–Институт за економски истражувања и политики, Скопје, во партнерство со Универзитет Американ Колеџ Скопје ќе реализира една од 12 тури за алтернативен туризам насловена како „Најубавиот поглед на Охридско езеро“.

Турата се реализира денес, со почеток во 11.0 часот, а стартот е од село Горно Коњско до кое се пристигнува со организиран бесплатен превоз од Охрид (може да се дојде и со сопствен превоз до село Горно Коњско). По прекрасниот поглед од ресторанот „Тераса Утарна“, каде се врши дегустацијата на храна и на пијалоци се почнува со лесно движење по Галичица.

Шипокно е селото низ кое води патеката. Патеката поминува покрај преубави лозови насади, а во зависност од годишното време, може да се пробаат и питоми и диви овошки, кои ги има по должината на патеката. Пред село Велестово е новоизградената црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во чијшто двор ќе биде направена кратка пауза. Оттука патеката продолжува под село Велестово, со константно благо спуштање. Погледот е единствен. На дланка е целиот Охридски регион, а со приближувањето кон Охрид, кој се наѕира низ попатните дрвја, се забележуваат и сите негови знаменитости. Пред сѐ „Св. Јован“ на Канео, Плаошник, Старата чаршија, а убедливо најдоминантна е Самуиловата тврдина. Нејзината импозантност може најдобро да ја забележите токму од оваа тура.

Крајната цел на проектот е подобрување на локалниот економски развој преку градење капацитети на локалните засегнати страни вклучени во ланецот на туристичка понуда, зголемен квалитет на услугите и развој, лансирање и продажба на алтернативните туристички атракции. За таа цел беа обучени 150 учесници во туристичкиот сектор и развиени 12 алтернативни тури, во пет дестинации.

Активностите се поддржани од проект за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), поддржан од Светска Банка и Европска Унија кои го финансираа под-проектот.

OhridNews