Овој викенд на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ , по втор пат ќе се одржи програмерскиот маратон „ Codefest“. Овој настан, уникатен по својата природа, претставува маратон во програмирање на кој непрекинати 32 часа млади програмери од цела Македонија ќе развиваат креативни и иновативни идеи со добар бизнис потенцијал. „Codefest“ ќе започне во сабота на 5 април, во 9 часот наутро, а ќе трае до недела, 6 април  до 17 часот.

Настанот е организиран како идеја и иницијатива на тимот од студенти на Универзитетот за информатички науки и технологии  „H-Sense“ составен од Јасна Тренгоска, Вилијам Асиама и Александар Митревски и поддржан од Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Нинослав Марина, Студентскиот Парламент  и  Студентскиот Технички Клуб „SITE“.

„ Codefest 2014“ ќе се одржи во знакот на креативноста и иновацијата и бизнис вредноста на идејата која секој од тимовите ќе ја претстави, како предност при вреднувањето во споредба со техничката обемност и имплементација на напишан код. Ова го издигнува „ Codefest“ на едно повисоко ниво на вреднување на финалниот производ  на учесниците на маратонот. На маратонот  нема ограничување во користење на технологии и платформи, но учесниците не треба да дојдат на настанот со никакви претходни подготовки, освен со креативна идеја и позитивно расположение.

„Интересот за „Codefest“ оваа година  е  изненадувачки  и најавени се учесници од скоро сите ИТ институции од Македонија. Очекувањата и овој пат се непрекинати 32  часа кодирање, забава и дружење, од кои ќе произлезат сериозно добри идеи“, вели Јасна Тренгоска , студент на УИНТ и дел од организацискиот тим.

OhridNews