„Што му треба на здравството во Охрид“? Стручни лица, професионалци во областите во кои делуваат, изнесуваат свои ставови и мислења, во насока на посочување на реалните потребите, проекти, инвестиции кои ги му се потребни и на градот, пред и се на луѓето кои тука живеат. Проекти за набавка на медицинска опрема, инвестиции од областа на здравствената инфраструктура, континуирано зголемување на човечките ресурси и нивна едукација, дополнителна едукација на медицинскиот персонал за ретките болести…

На Охрид му се потребни проекти за набавка на неопходна медицинска опрема со градови со кои Охрид е збратимен, како и проекти од амбасадите за медицинска опрема. Проекти за финансирање на млади лекари за едукација во странство, но и проекти за стипендирање на талентирани студенти по медицина вели Д-р Горан Балевски, директор на Општата болница Охрид.

Потребно е регулирање и асфалтирање на пристапните патишта во Општата болница Охрид. Асфалтирање на патиштата внатре во болницата кои и сега не се во најдобра состојба, како и проширување на зоната за паркирање. Оградување на комплетниот комплекс на болницата. Регулирање на пристапните патишта за околните згради бидејќи ни прават најмногу проблеми, ја сечат оградата поминуваат низ кислородна станица, паркираат внатре во болница. Потребно е проектирање од областа на водоводната и канализациона мрежа, како и проекти за реновирање на постарите згради како геријатрија и интернистички блок. Проекти за обновување на фасади со цел намалување на трошоците за ладење и греење. Обновување на возниот парк како со возила за итна медицинска помош, така и со цивилни возила. – вели Балевски.

На Охрид му се потребни инвестиции во областа на здравствената инфраструктура и здравствените капацитети вели Д-р Елена Коваческа Башуроска, директорка на ЈЗУ Специјализирана болница за кардиологија, Охрид.

Модернизирање и проширување на здравствените капацитети по највисоки меѓународни стандарди, обезбедување на најсовремена медицинска опрема која ќе овозможи изведување на најкомплексни процедури кои спасуваат животи, го подобруваат квалитетот на живот и го продолжуваат животниот и работниот век  на популацијата. Инвестиција во медицински персонал – специјализирани обуки, студиски престои во студиски центри во државата и странство, организирање на  стручни настани  од областа на медицината кој во Охрид  ќе донесе  најзначајни  имиња  на модерната светска медицина.  Потребно е интензивирање на сите активности на здравствените установи во градот во соработка со надлежните субјекти од локалната и централна  власт со цел подигање на свеста кај граѓаните за важноста на превенцијата  од појава на болести како најважен чекор во подобрување на јавното здравје.  И на крај, не помалку важно  инвестирање во медицинска рехабилитација  како основа  за развој на  здравствениот туризам актуелен во светот, за кој Охрид поседува извонреден потенцијал кој може да се искористи.

Веројатно на Охрид му требаат многу нешта, но за некои работи и не треба да бидеме така добри визионери. За почеток, добро би било здравствените авторитети и генераторите на здравствените политики да го слушнат гласот и потребата на сите нас, пациентите и здравствените работници во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, за што побрзо решавање на инфраструктурниот и функционален застој на нецелосно реновираното ново крило на болницата, вели Д-р Атанас Поп Стефанија, специјалист ортопед.

Потребно е решавање на намената и корисникот на тој простор во насока на надоградување во еден модерен и функционален ортопедски, трауматски, неврохируршки  и физикален центар. Се разбира тоа мора да е поткрепено со континуирано зголемување на човечките ресурси и нивна континуирана медицинска едукација, но таа едукација треба да може да најде примена и да се реализира во нашата болница. Здравствениот систем покрај другите обврски и одговорности мора и економски да го поддржи развојот и напредокот во примената на современата медицина. Она што секогаш сакам да го потенцирам е дека не треба да има соединување ниту на правните субјекти, ниту инфраструктурно на двете поголеми болници во Охрид познати како „Костозглобна“ и „Кардиолошки“. Двете институции одлично функционираат одделени како и до сега, двете институции успеале да постигнат многу и да се своевиден репер во својата дејност, тоа така и треба да остане, секоја болница да се развива посебно. Таков експеримент, на соединување на ортопедија и кардиологија не постои никаде во светот и скапо ќе не чини. Таквите идеи, од блиското минато, треба да останат заборавени, да се напуштат и да се променат додека не е предоцна. Навистина предизвик би претставувал за секого да најде соодветна валоризација на трудот на здравствените работници. На повидок е недостаток на доктори по физикална медицина во Охрид, а набрзо градот ќе биде оставен со само еден неонатолог, веќе во една од охридските болници има недостаток на анестезиолози и така натака, слично е во повеќе специјалности. Видете, такви проблеми не се решаваат ад хок, туку се една подолготрајна стратегија за развој, која или ја немаме или е неприменлива. 

Она што како пациентски организации го чувствуваме како потреба и нужност за поголемо дејствување е дополнителна едукација на медицинскиот персонал за ретките болести бидејќи многу од докторите во текот на нивната специјализација или работа прашање е дали ќе се сретнат со одредена ретка дијагноза за пациент или пациенти кои ги имаме во градови во државата. Значи, кога зборуваме за ретките болести не зборуваме за висок притисок или шеќерна болест. А, да напоменеме дека симтомите на одредена ретка болест често се поистоветуваат со симтоми на  болести од секојдневието и доколку навреме не се препознаат може да доведе до катастрофални последици. Дополнителните едукации би се организирале заеднички во соработка со докторите од универзитетската клиника кои се наши долгогодишни соработници и врвни генетски и клинички дијагностичари, клинички специјалисти од соодветните области и генетски советници, вели Гордана Лолеска, активист од здружението „Живот со предизвици“.

Централизираноста на здравствените услуги и дистрибуцијата на терапијата во Универзитетските клиники во Скопје претставува уште едeн проблем со кој се соочуваат пациентите со ретки болести од нашиот град. Секако дека поради специфичноста на одредена дијагноза и одредена терапија мора да се прима под надзор на специјалист кој го води пациентот и кој е обучен за проблематиката на самата дијагноза или евентуалните контраиндикации, но има терапии кои се примаат орално и за кои не е потребно патување до Скопје за да се подигне терапијата. Ова само по себе значи и земање на слободен ден од работа, трошоци за патување и слично. Сето ова би се решило преку болничките аптеки и со едукација на медицинскиот персонал околу аплицирање на терапијата. Терапијата и преку тимска работа на локалниот лекар и специјалистот која би овозможила специјалистичка супервизија од дистанца.Дополнително, секако дека може да се едуцира и персоналот во болницата за да може да се дава и специфична терапија и да се патува во Скопје само на контрола два пати годишно. Некои пациенти патуваат секоја недела, некои пациенти на две недели, на месец, два. Ако се земе во предвид дека автобуски повратен билет чини околу 1000 денари и дека секогаш се патува со придружник, некогаш и по неколку пати во месецот сето тоа повлекува и патни трошоци кои дополнително го оптоваруваат и онака кревкиот буџет на семејството. Добро би било локалната власт да размисли околу надоместување на трошоците за превоз на овие пациенти или ставање на располагање на свои капацитети за транспорт со што навистина би им олеснало на семејствата. Годиниве наназад во Општина Охрид се доделуваат ученички и студентски стипенди на најразлични категории од истите. Треба да се има предвид дека во Охрид имаме и ученици и студенти со ретки болести кои се и едни од ретките во државава, бидејќи не сите деца со ретки болести поради спесифичноста на болеста и лекување  успеваат да се едуцираат и да го изградат својот живот и кариера. Токму за оваа категорија на пациенти која може и сака да се надоградува би апелирала до локалните власти во буџетот да одвојат средства за стипендирање и едукација. Ограничен пристап до услугите за стоматолошка здравствена заштита за лица со попреченост (само во Универзитетската клиника за стоматологија). Ова е проблем кој со години се провлекува и треба да се најде соодветно решение, како на пример, стоматолог еднаш месечно да патува од Скопје до Охрид, наместо многу пациенти да патуваат до Скопје. Нормално, за тоа треба и соодветни услови. Пациентите со ретки болести кои се сè уште работоспособни, често имаат потреба од патување на контролни прегледи или апликација на лек во земјава или странство при што често отсуствуваат од работа или се на платено отсуство (боледување). Бараме поголемо разбирање од страна на работодавците околу ова прашање со решение на скратено работно време или пак промена на работно место кое секако не би било на штета ни на вработениот, ни на работодавецот. Апелираме за поголема вклученост во локалната самоуправа на работоспособите пациенти со ретки болести и лобирање за нивно вработување и вклученост во општествениот живот. Вклученост и одвојување на буџетски средства од Општината при спроведувањето на обуките, тренинзите, едукацијата на медицинскиот и немедицинскиот персонал (администрацијата) во настаните и проектите кои се организираат за да им се олесни пристапот до терапија,едуцирањето и менаџирањето на целокупниот живот на овој тип на пациенти и нивните семејства. Секој човек заслужува да добие шанса за подобар живот, секој пациент има право на точна навремена и бесплатана дијагноза. Само со заедничка работа и добра комуникација може да се обезбеди подобар квалитет на живот на лицата кои живеат со ретки болести! Потребно е заедно да изградиме подобра иднина за пациентите со ретки болести. Тоа што како пациентски организации го чувствуваме како потреба и нужност за поголемо дејствување е дополнителна едукација на медицинскиот персонал за ретките болести бидејќи многу од докторите во текот на нивната специјализација или работа, прашање е дали ќе се сретнат со одредена ретка дијагноза за пациент или пациенти кои ги имаме во градови во државата.

Н.С.Ј./К.А./Г.М.