Минатата 2018 од охридската библиотека „Григор Прличев“ ја оценуваат како успешна во однос на реализираните активности во оваа установа.

  • Бројот на читатели константно се зголемува, а во рамките на нашите можности и доделените средства од Министерството за култура континуирано набавуваме нови наслови од областа на белетристиката, науката, историјата и друга стручна литература. Минатата година ја спроведовме законската ревизија на целокупниот книжевен фонд, а паралелно работевме на популаризација на книгата и нејзино доближување до читателите, вели директорката Гордана Змејковска.

Во изминатите 12 месеци во „Прличевата одаја“ беа одржани над 30 промоции и други промотивни средби со автори од Охрид, Македонија, Хрватска, Бугарија и Србија. Од промоциите, се издвојуваат на писателот Славе Ѓорѓо Димоски, Миле Миќуновиќ, Тоде Илиески, Мирко Томовски.

  • Во 2018 ја воспоставивме и титулата почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“, а во листата веќе се запишани пет автори: Славе Катин, Вера Самарјанин, д-р Томе Груевски со промоцијата на втората книга за охриѓанецот Коста С. Шахов, роднокрајниот автор Наум Трајчески кој живее во Австралија, Славе Ѓорѓо Димоски и Смиле Наумоски – Брсјак кој лани со настанот во нашата библиотека одбележа пет децении од творештвото. Со благодарница од наша страна по повод големиот јубилеј 40 години постоење го дарувавме Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, додава Змејковска.

Со пригодна програма беа одбележани „Прличевите беседи“, 150 годишнината од раѓањето на охриѓанецот Ефтим Спространов, собирач на народни умотворби. Поставени беа неколку изложби на книги посветени на творештвото на Живко Чинго и Блаже Тренески, и на Св Климент Охридски во македонската книжевност и научна мисла. Во октомври, во рамки на „Месецот на книгата“ во соработка со издавачот „Матица македонска“ се одржа 6 дневен саем кој помина повеќе од одлично. Библиотеката беше организатор на 19 Општински натпревар „Млади библиотекари“, победникот Борче Исакоски под менторство на Санете Миткова од ОУ „Христо Узунов“ победи и на Државниот натпревар одржан во Демир Хисар.

Меѓу бројните успешно спроведени активности од библиотеката ги вбројуваат и соработката со ФОН универзитетот,  ОМУ „Методи Патче“.

Со средства од Министерството за култура набавен е мебел за новиот простор, а оваа година  преку проекти од Министерството за култура и преку спонзори и донатори ќе се доуреди просторот со грејни тела и компјутери. Годинава се очекува и преселба на книжниот фонд во новиот дел.

Од библиотеката најавуваат бројни настани и за тековната 2019.

OhridNews