Во рамки на серијалот „Што му треба на Охрид“, денес изнесуваме ставови и мислења на младите од Охрид. Тие имаат потреба од соодветен простор во кој младите ќе можат слободно да творат и да развиваат креативни вештини, културна инфраструктура, подобра сообраќајната инфраструктура, подигање на еколошката свест, како и поголема поддршка за нивните иницијативи и идеи.

На Охрид му е потребен социјален, слободен простор, опремен за сите потреби на младите кои ќе го посетуваат и преку кој ќе ги реализираат своите идеи, ќе се интегрираат и разменуваат искуства, а секако и ќе се дружат и ќе излезат од секојдневната рутина што ги изолира од заедницата. Младите на разни начини можат да творат, да развиваат вештини и способности што не се стекнуваат при формалното образование, велат од Културолошка иницијатива 5 до 12.

Од културен аспект, предвидениот центар за млади треба да содржи сали за проекција на филмови, театарски претстави и разни перформанси и концерти. Социјалниот центар треба да организира разни обуки и да поседува опрема за изведување на истите, која младите бесплатно ќе ја користат. Единствено место во Охрид преку кое младите излегуваат од својата комфорт зона и имаат шанса да извршуваат активности е Клубот на млади при Црвен крст Охрид, а периодично во годината на некои проекти, школски клубови ретко активни и фестивали и организации како нашата Иницијатива. Но, тоа се истите млади кои волонтираат во сите активности. На Охрид му недостасува културна инфраструктура како библиотеки, сали за изложби, кино простори, летна сцена за концерти на млади бендови, спортски центри и игралишта за слободна употреба. – велат од Културолошка иницијатива 5 до 12.

Мојата заложба и надеж се дека Младинскиот совет заедно со Локалното собрание на млади при Општина Охрид активно ќе креираат политики и проекти во интерес на младите граѓани како дел од општеството. Секоја единка како дел од Советот и Собранието треба да работи во интерес на унапредување на можностите, достапноста, заинтересираноста на младите во нашата заедница. Да биде двигател кој ќе ги поддржува и стимулира идеите, предлозите, за сите взаемно да живееме во едно подобро општество, вели  Георги Ставрески член на Локалниот совет на млади при Општина Охрид како активист од Црвен Крст Охрид.

Во Охрид на почетокот на јуни оваа година е формиран Локален совет на млади под општинска закрила и сметам дека тоа е огромен исчекор. На овој начин се прави мост меѓу сите млади, нивните идеи до конечната реализација. Работите се придвижија и конечно сите млади, но и сите охриѓани ќе добијат Младински Културен Центар. Како што е најавено, градот ќе  отстапи простории каде што верувам за многу скоро ќе почне да функционира младинскиот центар. Всушност тоа и претставува следен чекор откако се завршија сите формалности за конституирање на советот. Како дел од Советот, но и како активисти во разни организации верувам дека и јас, но и останатите членови ќе се бориме за подигнување и подобрување на стандардот на живот  на младите, преку активирање и поддржување на идеи кои ќе бидат од полза на младите. Потребни се материјални, инфраструктурни решенија, но и едукативни работилници, зголемување на активизмот и давање значење на посебноста на оваа категорија на граѓани дека се активни чинители на заедницата. Верувам дека преку нашите идни активности, преку создавање на нови можности ќе побудиме активизам кај младите, ќе ја промениме нивната дневна рутина. Самиот совет, а понатаму и младинскиот центар ќе бидат можност каде сите идеи од младите, но и укажувањето на проблеми и недостатоци од нивна страна ќе се обидеме сите заеднички да ги решаваме. Секако во соработка со Општина Охрид која е и иницијатор за ваквиот чекор. А кога ќе почнат да се слушаат младите, да се анализираат недостатоците, што им треба, што тие сакаат секако дека се ќе биде поедноставно и ќе изнаоѓаат соодветни солуции. Еден од крупните проблеми што не засега сите е за жал напредната технологија која си зема замав па така единствена дружба останува телефонот. Новите генерации, не генерализирам, не знаат за културно уметничките друштва, избегнуваат спортови, дали со топка или боречки вештини, се почесто од најмали нозе се пасивизираат и единствена занимација им е телефонот. Се изгуби вербалната комуникација. Сликата што ја гледаме сите низ кафетериите е група млади седат и сите гледаат на телефоните. Понатаму во мал обем се оддржуваат било какви обуки кои ќе имаат цел едукација, превенција и едноставно споделување информација. Сето тоа ќе придонесе за нови видици за младите. – додава Ставрески.

Младата Анастасија Стојаноска како претседател на клубот на млади при ОО Црвен Крст, ама и ентузијаст кој е дел од различни проекти кои ги споведуваат младите луѓе во градов е децидна дека на младите им е потребна поддршка за визиите кои ги имаат. Мора да се има слух за развивање на потенцијалите на младите вели Анастасија и додава дека е потребен е центар каде младите ќе ги развиваат своите таленти и креативи.

Во изминатите години сум волонтирала и работела со над 300 млади во Охрид и околината. Еко акции, хуманитарни акции, младински размени, мултиетнички проекти, самоиницијативни културни и уметнички настани, и кај секој еден од тие млади видов жар, надеж, стремеж за промена на подобро. Но, како младите во Охрид да ги остварат своите амбиции и навистина да ја направат таа промена? Дали Охрид има услови за да ги израсне идните лидери на нашата заедница? На младите во Охрид им е потребна поддршка! Потребно е нивните визии да се чуени, но, и земени предвид. Бидејќи, доколку ги игнорираме нивните идеи и не ги развиваме нивните потенцијали, тие ќе згаснат и ќе одлетаат подалеку од тука. Младите имаат потреба од места каде што би ги развивале своите музички, актерски, научни или дипломатски интереси и таленти, заедница која би ги ставила во центарот на напредокот и светлата иднина – а, таквите шанси се многу ретки. Потребни се повеќе услови кои би ги граделе младите охриѓани во одговорни граѓани корисни за заедницата, носители на напредокот, како Клубот на Млади при Црвен Крст Охрид кој е една друштвена неформално образовна и хумана „фамилија“ каде младите добиваат шанса да работат на личниот развој и да прават позитивни промени. Да го препознаеме она што го имаме и да не дозволиме да ни се лизне низ прсти, бидејќи навистина, младите во Охрид МОЖАТ. – истакнува Стојаноска.

Потребно е подобрување на сообраќајната инфраструктура, но и да се работи на подигање на еколошката свест кај населението за зачувување на екосистемите како езерската трска…. Градот ги има сите предиспозиции да стане вело-град кој ќе ги користи природните ресурси за обновлива енергија, велат младите волонтери од Регионалниот зелен центар- Охрид. Додаваат дека градот и регионот во последниот период се под голема опасност поради човековата деструкција и несовесното однесување кон природното и културното наследство,

Градот има потреба од промена на начинот на дејствување. Што подразбира тоа? Во поглед на инфраструктура, тоа подразбира лимитиран сообраќај, изградба на велосипедски патеки и тротоари на соодветен и модерен начин, решение за паркинг места (катни гаражи). Од еколошки аспект, потребно е да се изнајде решение за големиот број диви депонии, да се вложи во целиот комунален систем, да се подигне еколошката свест кај населението, поставување на повеќе функционални канти за отпадоци низ целиот град и сл. Според досегашната работа на здружението, забележано е дека треба да се стави како приоритет заштитата и оддржувањето на езерската трска која е од огромно значење за Охридското Езеро. Меѓу другото, на Охрид му е потребно често информирање на јавноста за значењето на животната средина и богатите природни ресурси кои ги поседува регионот, промоција на еколошкиот туризам, поддржување на авантуристичкиот туризам, соработка меѓу општинските власти и граѓаните со цел подобра животна средина. Градот Охрид ги има сите предиспозиции да стане вело-град, да стане град кој ќе ја користи природната обновлива енергија, а со тоа град-пример кој ги ужива природните ресурси кои му се понудени. – додаваат од Регионалниот зелен центар- Охрид.

К.А./Н.С.Ј/Г.М.