Традиционалните маски – зет и невеста, Глупавиот Август и музичарите, и годинава ќе продефилираат на Вевчанскиот карневал со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар.

Манифестацијата  во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари и на Вевчани, ќе почне на 10 јануари со трибина на тема „Перспективите на културниот туризам во Македонија со посебен осврт на Вевчани“, а на 11 јануари ќе биде промовиран романот „Пред шарени врати“ на вевчанецот Крсте Шутиноски кој живее во Битола, а на 12 јануари ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Мирче Василев.

Забавниот дел ќе стартува на 12 јануари во 21 часот со настап на домашните групи ДНК и Нокаут, а пред полноќ ќе се претстават и Фрајле, гостинките од Србија. На 13 јануари во 21 часот присутните ќе ги забавува фолкерката Анета Наковска, додека Православната нова година ќе биде пречекана со настапот на вевчанецот Ефто Пупиноски. На полноќ ќе има и петминутен спектакуларен огномет.

Како што рече на денешната прес конференција градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски годинава се очекува на карневалот да присуствуваат од 15.000 до 20.000 посетители, а присутните ќе имаат можност да видат повеќе од 1.000 маски кои традиционално на 13 јануари околу 14 часот ќе продефилираат низ вевчанските улици. По дефилето, околу 18 часот василичарите ќе одат од куќа во куќа, а рано изутрина следниот ден заедно со гостите ќе одат на полнење вода на Вевчанските извори. Манифестацијата ќе заврши на 14 јануари со традиционалното палење на маските.