Состојбата со илегалната миграција и изминатата недела бележи континуирано зголемување на бројот на илегални мигранти од земјите од Блискиот Исток, кои ја користат територијата на Македонија само за транзит до крајната дестинација, соопшти во петокот МВР.
Ваквиот тренд на наплив на мигранти присутен е и во текот на ноември (од 01 до 17 ноември), кога влез во Македонија оствариле вкупно 101.636 мигранти.
Откако на 18 ноември Словенија, Хрватска и Србија донесоа одлука да воведат селективен пристап при дозволување влез на мигранти на нивната територија само на бегалци од кризни жаришта, Македонија како реакција на добиените известувања од соседните држави, следниот ден од 19,00 часот, ја активираше мерката на селективен пристап на мигрантите кои доаѓаат од Грција.
Согласно ваквата мерка, транзит до земјите на ЕУ се овозможува само на бегалците од државите каде има воени конфликти, односно од Сирија, Авганистан и Ирак, но не и на економските мигранти кои што доаѓаат од Иран, Пакистан, Мароко, Бангладеж, Либерија, Судан, Алжир, Конго и други земји.
На 19 ноември, на подрачјето на северната граница на Македонија пристигнале вкупно 2.715 мигранти од јужната граница и истите оствариле излез кон Србија, додека во периодот од 00,00 часот по полноќ до 08,00 часот на 20 ноември 2015 година, пристигнати се 45 лица и издадени се 12 потврди за искажана намера за признавање право на азил. Во моментот во Привремениот прифатен центар на граничниот премин „Табановце“ се наоѓаат 280 лица.
На јужната граница во Гевгелија, во Привремениот прифатен Центар во моментот се наоѓаат 500 лица кои чекаат да заминат, надвор од Прифатниот центар има околу 50 лица, најмногу ирански државјани кои влез оствариле пред примена на мерката и истите одбиваат да се вратат во Грција. На грчка територија за влез во Македонија чекаат околу 2.000 мигранти од различни држави.
Инаку, состојбата на северната и јужната граница во Привремените прифатни центри е мирна и стабилна, но напоменуваме дека ваквата состојба со мигрантите и со нивниот број на границите постојано се менува.
OhridNews
Извор:„Макфакс“