Повеќе од 120 деца учествуваа на „Бадниковата литија“ која по пауза од две децении повторно се одржа во Охрид, по повод големиот православен празник „ Божиќ“, кога се слави раѓањето на Господ Исус Христос.

Учесниците во Литијата во 9 часот тргнаа од црквата „ Св. Ѓорѓија“ и се упатија кон градскиот плоштад, каде беа дочекани од заменик градоначалникот Ангел Јанев и дел од советниците кои им подарија пригодни подароци .  

Чест ни е што сме дел од Литијата, вежбавме многу и се надеваме дека следната година ќе бидеме уште подобри, изјавија децата кои беа дел од Литијата.

Како што објаснуваат од организациониот одбор од Македонската православна црква,целта на одржувањето на Бадниковата литија  е заживување на старата изворна и духовна традиција при прославата на празникот Божиќ.

Долги години наназад поголемите христијански празници се чествувале со литија, како што било и во Охрид, но од одредени причини минатите 20 години традицијата се занемарила. Целта е да се стави акцент на навестувањето на Христовото раѓање , при што дечињата кои учествуваат ги претставуваат ангелите кои го најавуваат раѓањето на Христос , пеејќи ја песната „ Вечниот бог“, вели Марија Ристеска од организациониот одбор.

Од локалната самоуправа изразуваат надеж дека Бадниковата литија ќе премине во традиција и ќе се одржува помасовно секоја година.

Би сакал сите граѓани да ги видат овие насмеани прекрасни лица. Ја поздравувам иницијативата и се надевам ваквите настани ќе станат дел од празнувањата, изјави заменик градоначалникот, Јанев.

Литијата од градскиот плоштад , минувајќи низ охридската чаршија се упати кон храмот „ Успение на пресвета Богородица-Каменско“, каде што на децата им беа поделени крстиња за благослов.

Т. К.