Охриѓани кои вчера попладне околу 16 часот тргнале со автобус од Скопје кон Охрид сеуште не пристигнале во своите домови. Како што раскажуваат до Стража немало поголеми проблеми, но после Кичево движењето по патот било оневозможено поради што биле принудени да се засолнат кај најблиската бензинска пумпа на Лук Оил каде и ја минале ноќта.
– Освен автобусот во кој ние патувавме имаше и други автобуси, мини комбиња, и голем број патнички возила. Ноќта ја минавме во автобус, утрово кон 8 часот не зедоа пријатели од Кичево да одмориме кај нив бидејќи сме со две деца кои едвај око склопија цела вечер. Сега чекаме да не земат со автомобил кој се надеваме дека наскоро ќе пристигне од Охрид преку Буково, вели наша сограѓанка.
– Мој роднина доаѓа за празниците од Словенија. И покрај врнежите од снег од Љубљана до Скопје автобусот со кој патуваше во Скопје, вчера попладне пристигнал со задоцнување од само еден час, но кога продолжиле од Скопје кон Охрид заглавија како и стотици други граѓани и сеуште не е пристигнат дома. Ова е срам за државата, во 21 век еден метар снег ја блокира државата.Како снегот не преставува проблем за останатите држави во околината, туку само во земјава, вели друг охриѓанец.
Граѓани кои поради непроодноста на патот Кичево- Охрид денес беа приморани да патуваат преку Буково велат дека на овој патен правец сообраќајот е во хаос и движењето е отежнато.
Т.К.