Првата група на туристи од Холандија, кои годинава ќе одмараат на охридската ривиера ќе пристигне на 27 април. Од ин-каминг агенциите на холандските тур оператори во Македонија, информираат дека априлскиот чартер авион кој ќе пристигне на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе биде на туроператор TUI,  додека пак првиот чартер на Corendon NL ќе биде на  4–ти мај 2012.

 

Според најавите првата група холанѓани која ќе отседне во Охрид, ќе  брои над 130 лица.

– До сега се потврдени вкупно 135 туристи со првата група , напоменуваме  дека сеуште активно трае процесот на продавање на аражманите, со што и нивниот број ќе се зголеми, информираат од туристичката агенција Фибула ер травел.

Оттаму очекуваат дека годинава ќе бидат реализирани околу 50 директни чартери до Охрид и обратно.

-Од мај па се до октомври, планирано е да има 4 чартери неделно по 189 патници, со што максималниот можен број на патници кој може да се постигне  е 18.900, но според нашите очекувања загарантираниот број на  туристи од Холандија е  13.230, што е и вкупниот број на закупени капацитети во хотелите. На холанѓаните им се нудат аранжманите од по  7, 10, 14  и 21 ден. Годинава најавени се и 20 групи за кружните тури низ Македонија со ноќевање во Кавадарци , Струмица , Скопје и Охрид, велат од Фибула ер травел.


Од таму најавуваат дека планираат свечен пречек на првата група холанѓани, за кој ќе се координираат со холандската амбасада во Република Македонија.

Минатата година во Македонија летуваа над 10.000 туристи од Холандија, кои според туристичките работници имале максимално позитивни впечатоци пред се  поради високиот квалитет на услугите, по ниска цена.


Инаку за 2012 година има најава за еден чартер лет со туристи од Финска, а најавени се и неколку  кружни балкански тури со туристи од Америка , Австрија , Германија , Холандија и  Италија кои во својата маршута го имаат и Охрид.

Е.М.