Многу висок ризик да добијат кардиолошко заболување имааат 134.326 лица, а како последица на тоа заболување се очекува 13.432 лица да имаат фатални последици во наредните 10 години. Ова е утврдено кај возрасната група од 24 до 65 години од обработени 381.878 податоци по спроведените превентивните прегледи од страна на матичните лекари во 2014 и 2015 година за рано и навремено откривање на кардиоваскуларни, бубрежни заболувања и дијабетес мелитус.

Од 579.813 лица со дијабетес, 16.231 се новооткриени со пред-дијабетична состојба и дијабетес, 3.007 се со многу висок ризик, а 1.503 осигуреници се очекува да добијат дијабетес. Висок ризик од нефролошки заболувања е утврден кај 2.600 осигурени лица кај кои се очекува заболување во наредните 10 години, а од нив 1.300 лица ќе завршат на дијализа.

Резултатите од спроведените превентивни цели кај матичните лекари денеска на прес-конференција ги презентираа директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, кои истакнаа дека превентивните мерки биле спроведени со цел рано и навремено откривање на трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетес мелитус, како и секундарна превенција на можните компликации од нив.

– Со цел грижа за здравјето на осигурениците, Фондот, заедно со Лекарската Комора на Македонија и Здружението на приватни лекари на Македонија, лекарските здруженија и другите чинители на здравствениот систем, во договорите за 2014 година со приватните здравствени установи, воведе три цели како приоритет за превенција. Периодот во кој се спроведуваа договорените превентивни прегледи кај матичниот лекар беше предвидено да се одвива две години – 2014 и 2015 година, за да има доволно време да можат да бидат опфатени сите осигуреници, рече Рамадани.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски рече дека превенцијата на трите хронични незаразни заболувања: кардиоваскуларните, нефролошките заболувања и дијабетесот е многу значајна, поради зачестено појавување на овие заболувања кои се со висок процент на смртност. Посочи дека Фондот во соработка со матичните лекари од 1 јануари почна нов двогодишен циклус за реализација на превентивни цели годинава и идната година.

– По анализата на податоците кои што ги добивме од матичните лекари преку електронскиот софтевер кој го воспоставивме, воочивме дека овие три заболувања најчесто се јавуваат кај пациенти од 35 до 65 години. Од тие причини, одлучивме во новите превентивни цели и активности за наредните две години да се фокусираме на овие возрасни категории на граѓани и максимално посветено, заедно со матичните лекари да ги информираме и едуцираме за можните компликации од овие заболувања, истакна Стефаноски и додаде дека во новиот двогодишен циклус новина се превентивни цели кај педијатрите.

Стефаноски нагласи дека грижата за здравјето започнува од најрана возраст и затоа педијатрите треба да реализираат превентивни активности рано откривање на нарушувања на видот, слухот и говорот за деца од 3 до 6 години и рано откривање на деформитети на рбетниот столб за деца од 6 до 14 години. Овие две цели, појасни, до 1 септември ќе се водат во хартиена форма, односно во локален софтвер, а со унапредување на порталот ќе можат да се пополнуваат електронски без обврска за хартиено чување.

OhridNews
Извор:„МИА“