Вевчани повторно беше домаќин на голем број љубители на планинскиот велосипедизам каде успешно се одржа традиционалната Планинска вело тура „Вевчанска Голина – Локва 2025“. Настанот го организираа Еко-свест Вевчани и Рупикапра МТБ Струга.

Турата оваа година собра над 140 учесници од различни делови на државата, кои возеа низ некои од најживописните предели на планината Јабланица. Стартот беше во 09:00 часот од центарот на Вевчани, а велосипедистите имаа можност да минат патека долга 30 километри, со вкупна елевација од околу 1100 метри.

Патеката водеше низ најживописните предели на Споменикот на Природа Вевчански Извори и планината Јабалница, меѓу кои Вевчански Извори, Јанков Камен, манастирот Св. Климент и Горна Белица, завршувајќи на видиковецот Вевчанска Голина. Дел од најистрајните учесници продолжија и со кратко планинарење до глацијалното езеро Вевчанска Локва, сместено на над 1960 метри надморска височина.
Како што истакнуваат организаторите, главната цел на настанот е промоција на природните вредности на планината Јабланица, како и унапредување на потенцијалот за развој на одржлив планински туризам во рамките на заштитеното подрачје Споменик на Природа Вевчански Извори и идното заштитено подрачје Национален Парк Јабланица.

Со ова, планинската вело тура Вевчанска Голина – Локва се етаблира како традиционален летен настан кој ја спојува природата и спортот.

Организаторите упатуваат голема благодарност до сите учесници, волонтери, поддржувачи и институции кои придонесоа за успешна реализација на настанот.

Настанот беше организиран како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување на Споменикот на Природа Вевчански Извори“ спроведуван од Еко-свест а финансиран од ПОНТ. Во организација настанот голема поддршка дадоа низа локални бизниси и поединци.

OhridNews