Училиштето „Јахја Кемал” од Струга по трет пат деновиве беше домаќин на натпреварот  по математика-физика за осмоодделенци, на кој зедоа учество 150 натпреварувачи од Струга, Вевчани, Охрид, Дебрца, Дебар, Центар Жупа, Ресен , Кичево, Зајас и Другово.

– Она што го прави овој натпревар привлечен за осмоодделенците , секако покрај желбата да го проверат своето знаење, се и привлечните награди. За првите три освоени места, беа доделени сертификати и  парични награди- прво место 5000  денари, второ место 4000 денари и трето место 3000  денари, а соодветно беа наградени и менторите на учениците.  Учениците од 1 до 25  место , добија право директно да се запишат  во ПСУ „Јахја Кемал” без полагање на приемен испит, а дел од првонаградените добија и стипендија за школување, велат од училиштето „Јахја Кемал“.

Како што потенцираат од училиштето, учеството на овој натпревар е и поттик за понатамошното работење и на предметните наставници по математика и физика кои во голема мерка се заслужни за учеството и успехот на учесниците на овој натпревар. Голем е бројот на ученици кои ги искористиле овие награди и станале дел од заедницата на ученици на ова училиште. На последно одржаниот натпревар, првите три награди отидоа во рацете на Сања Симоновиќ од ОУ„Христо Узунов”, наставниците Вера Зороска и Кристина Крстеска, а втората и третата награда ги освоија Софија Димоска  и Милјана Шулајковска ученици во  ОУ„Григор Прличев”, под менторство на наставниците Анита Николоска и Јорданка Недеска Симиџиоска.

OhridNews