Советот за развој на Југозападниот плански регион во кој спаѓа и Општина Охрид, на денешната редовна седница, искажа задоволство од реализацијата на проектите во општините со кои значајно се подобруваат условите за живот и работа на населението. Со усвојувањето на Финансискиот и Акцискиот план за работа на Центарот за развој во 2023 година реално е да се очекува да бидат инвестирани над 2 милиони евра во регионални проекти, преку реализација на над 60-тина активности на теренот на Регионот.

Веќе е извесно дека поголемиот дел од активностите ќе бидат насочени кон изградба, рехабилитација и реконструкција на локалната патна инфраструктура, потоа да се изврши подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти, особено преку инсталирање фото-напонски панели за производство на електрична енергија. Во преден план ќе бидат активностите за модернизирање на работењето на општините и јавните комунални претпријатија со цел да се подигне квалитетот на услугите што го добиваат граѓаните. – информираат од Југозападниот плански регион.

Од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, во тековнава година, Центарот за развој, спроведува активности во Струга за реконструкција на улиците во стариот дел на градот, веќе е потпишан договор за реконструкција на противпожарниот објект во Дебар, а наскоро се очекува да биде избран економски оператор што ќе го реконструира училиштето во село Бачишта во Кичево.

Од истата Програма мошне скоро ќе започне реализацијата на три поголеми регионални проекти во веќе споменатите домени за што, со Бирото за регионален развој, се потпишани договори во вкупна вредност од 54 милиони денари. Интервенции ќе бидат вршени во текот на целата 2023 година. –  стои во соопштението.

Центарот за развој верува дека ќе продолжи успешната соработка и со другите линиски министерства, особено со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со донаторската заедница, во прв ред. Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП. Оттаму се очекува одобрување и реализација на значајни проекти со цел да се подобрат перформансите на Југозападниот плански регион.

OhridNews