Над 20 културни објекти од Охрид ќе бидат дел од проектот ,,Инфо зони за знаменитости”, кој го изготви Министерството за информатичко општество и администрација и во кој ќе бидат опфатени вкупно 156 селектирани знаменистости од Република Македонија, како што се споменици на културата, археолошки наоѓалишта, цркви, музеи и слично. За таа цел деновиве беше распиша тендер за прибирање понуди за избор на оператор кој ќе ги изготви и ќе управува со овие „инфо зони“ за период од десет години.
-Инфо зоните треба да обезбедат можност туристите кои поседуваат мобилен телефон и мобилен интернет, на лице место и на избран јазик да добијат повеќе информации за знаменитоста пред која се наоѓаат, стои во јавниот оглас кој го објави Министерството за информатичко општество и администрација.
Од Н.У Завод и музеј од Охрид го поздравуваат овој проект и сметаат дека истиот ќе придонесе за поголема информираност на туристите за културните знаменистсти во Охрид и за нивна поголема промоција.
-За целта на овој проект од Управата за заштита на културното наследство неодамна ни беше побарано да направиме селекција на најважните споменици на културата од Охрид, кои заслужуваат да бидат опфатени со информативните зони. Ние ја направивме таа селекција и истата заедно со комплетната предлог -документација ја испративме до управата, која понатака треба да ја проследи до Министерството за информатичко општество и адмнистрација, велат од Завод и Музеј од Охрид.
Во јавниот оглас за избор на оператор, кој трае заклучно со 20 –ти јуни 2012 година, се појаснува дека оперирањето со инфо-зоните подразбира изработка и поставување на информативни табли на секоја инфо-зона во рок од 5 месеци од потпишувањето на договорот и 10 години одржување на истите. Исто така операторот ќе биде должен да изработи говорен автомат наменет за проектот на македонски, албански, англиски, француски или германски јазик, а ќе треба да сними информативни текстуални содржини, во форма на говорни пораки за говорниот автомат. Покрај говорните содржини операторот ќе треба да изработи едноставна веб локација со по една фотографија и максимум 200 збора информативна содржина за секоја знаменитост.