Заинтересираните граѓани кои сакаат да дојдат до свој дом преку проектот „Купи куќа купи стан“ имаат на располагање станови изградени од приватните градежни компании и од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Најголема е понудата во Скопје, каде и интересот е најголем, а цената е до 900 евра по метар квадратен, како што е определено во проектот.
Директорот на Акционерското друштво за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор Цветко Грозданов информира дека во моментов располагаат со 200 станови кои може да се вклучат во владиниот проект, а се лоцирани во Реонскиот центар Аеродром и во Индустриска, на улицата „Трета македонска бригада“. Цената е 795 евра по метар квадратен во Реонски центар и 860 евра во Индустриска.
Додаде дека има дополнителни 158 станови кои се во изградба и кои ќе може да се понудат во рамки на проектот.
-Акционерското друштво со своите станови се вклопува во оваа акција на Министерството за финансии и Владата на Република Македонија. Во изминатиов период имавме одлична соработка и можам да кажам дека добар број од нашите продадени станови ги продадовме преку проектот „Купи куќа, купи стан“, изјави Грозданов и додаде дека и натаму се отворени за соработка, бидејќи, како што вели, Владата на Република Македонија им дава поволности на граѓаните како помош или субвенција со што дошле првпат до стан.
Тој досега е задоволен од бројот на станови кои се продадени преку овој проект и очекува граѓаните да бидат уште повеќе мотивирани од последното дополнително намалување на каматната стапка на кредитот.
Според Ванчо Чифиганец, сопственик на „Адора инженеринг“, ова е проект кој е од интерес и за купувачите и за производителите на градежни материјали и за инвеститорите кои продаваат станови, бидејќи влијае на раздвижување на пазарот и се прави голем финансиски економски обрт. Потенцира дека интересот на граѓаните за купување станови кои тие ги имаат секоја година на располагање преку овој проект е голем. Досега имаат продадено 40 станови во Скопје и неколку во Охрид.
-Вклучувањето во проектот „Купи куќа, купи стан“ е со минимален профит, а некогаш можеби работиме и без профит, но со цел да се вклопиле во севкупниот македонски економски амбиент затоа што ако Владата може да даде бенефиции, да го субвенционира нашиот купувач, и ние инвеститорите дополнително влегуваме во тоа. Заедничкиот јазик и заедничките привилегии кои ги имаат купувачите не се само од страна на Владата на Република Македонија, туку и од страна на инвеститорите. „Адора инженеринг“ веднаш се вклопи во проектот „Купи куќа, купи стан“ затоа што се прави голем финансиски економски обрт на целокупната економија, изјави Чифлиганец.
Преку проектот досега 331 семејство го решиле станбеното прашање, а околу 280 од нив се одлучиле за стан.
Се нудат два модела. Едниот е „половина рата“ каде што граѓанинот учествува со половина средства за ратата, другиот државата го обезбедува учеството за добивање кредит.
Од неодамна се намалија и каматите на овој кредит така што во моментов тие се 3,95 проценти за првите три години и 4,44 проценти за четвртата и петтата година и се најниски на пазарот.
OhridNews
Извор: МИА