Заклучно со 22 септември во пописен реон 22 кој го опфаќа Охрид и Дебрца попишани се 30.955 лица, 18478 станови и 10.608 домаќинства, информираат од реонската пописна комисија.

 

Воглавно пописниот процес се одвива нормално, има незначителен дел на луѓе којшто го одложуваат попишувањето за друг ден. Во овој случај попишувачите се враќаат по два- три пати за да  разговаараат со луѓето и дел од нив кои првиот пат го одложиле попишувањето се попишуваат кога ќе се разговара со нив по втор или трет пат. Незначителен е  бројот на тие што одбиле да се попишат, но ќе се разговара повторно и со нив бидејќи е во нивен интерес и во интерес на државата да се попишат, вели Станко Стојаноски координатор на Регионално одделение за статистика Охрид. 

Пописот се одвива со помалку попишувачи од предвиденото, но се работи интензивно за да се заврши навреме, додава Стојаноски.

Од почетокот на пописот недостигаа голем број на попишувачи во охридскиот пописен реон но, во неколку наврати се надополна бројот и иако бројката не е онаа што беше предвидена од почеток, пописот сега се одвива нормално. Приоритет сега се пописните групи кои не се покриени со попишувачи кои ќе се покриваат со попишувачи кои ќе завршуваат во други пописни групи, вели Стојаноски. 

 

Заклучно со 22 септември до 20 часот во државава вкупно се  попишани  1.309.840 лица, 405.266 домаќинства и 556.415 станови.

 

К.А