Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформени се три предмети против функционери од власта кои произлегуваат од „бомбите“ коишто ги објавуваше опозицијата, а во Основното јавно обвинителство – Скопје се оформени 30 предмети кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

Сите овие предмети и се предадени на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која според договорот заедно со својот тим треба да ги работи. Од јавното обвинителство соопштуваат дека за дел од предметите веќе биле донесени јавно обвинителни одлуки.

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформени се три предмети што произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

Првиот предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против директорот на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за примање поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување.

Вториот кривичен предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против премиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески и други лица, меѓу кои и правни лица од Белизе и Лугано за злосторничко здружување, перење пари и за злоупотреба на служената положба.

Третиот предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Сашо Мијалков, началникот на УБК, Горан Груевски и други лица за злосторничко здружување, неовластено прислушување,  злоупотреба на службената положба и овластување, Злосторство против човечноста.

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се заведени и се постапува по предмети што не произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите, но беа спомнати во медиумите и јавноста, па од тие причини на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите му беа доставени податоци и за овие предмети.

Во Основното јавно обвинителство – Скопје се оформени 30 предмети кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Таму е заведен предмет против Мијалков и Горан Груевски за неовластено прислушување и тонско снимање. За ова испитани се Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски, Оливер Спасовски, Стево Пендаровски, Сашо Мијалков, Горан Груевски, претставник на Министерството за внатрешни работи, три лица вработени во МВР-УБК-ООТПП, тројца професори од ФИНКИ – Скопје како технички советници, а во функција на утврдување на процедурата на примена на посебната истражна мерка – Следење на комуникации.

OhridNews

Извор:„Макфакс“