До здружението за рекреативни риболовци „Св. Апостол Петар“ кое распиша конкурс за доделување плакети за „Трајно уништување на рибниот фонд“, досега пристигнале над 30 пријави. Најголемиот број од нив се испратени од трети лица за јавни установи, за физички лица, риболовни друштва, директори, здруженија, концесионери.
– Целта беше граѓаните да кажат кој според нив е највиновен за уништувањето на флората и фауната. Не жигосуваме никого, граѓаните ги вршат пријавите, но многу е важно оние што се пријавени да се сложат да ја прифатат наградата. Во спротивно, комисијата ќе одлучи на кого ќе му ја додели плакетата, дали таа ќе оди кај граѓаните кои доволно не биле упорни да го заштитат рибниот фонд, вели Радован Димитриески од здружението „Св. Апостол Петар“.
Објавениот конкурс опфаќа повеќе области како: уништување на флората и фауната на Охридското Езеро и неговиот слив, уништување на каналот Студенчишта (зимувалиште на риба старо со милиони години), зимувалишта во селата Пештани, Радожда, Трпејца, Градското пристаниште, уништување на Студенчишкото блато, како и други области од рибарството , екологијатата и за идни проекти кои ќе придонесат за доуништување на флората и фауната.
На избраните кандидати од Комисијата, освен Плакета ќе им се додели и уметничка слика од охридска пастрмка.
На 12 јули Петровден, ќе биде доделена и плакета за животно дело: „Уништување на флората и фауната во Република Македонија“, при што ќе можат да конкурираат и министри, министерства, премиери за периодот од 1991 година до сега.
Т. Кувенџиска