Викендов, во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“, беше отворена изложбата „Кон среќата“ на која беа претставени 40 уметнички предмети од железо, изработени од страна на охриѓанецот  Трајко Дурчовски.

Како што потенцира авторот, идеите за најновите дела ги црпел од животот и работните навики на човекот.

–    Тоа се  скулптури и слики со работни мотиви од секојдневниот живот. За насловот на изложбата  се инспирирав од современото време, во кое човек не може да биде среќен доколку нема работа и дека само со работа и труд се стигнува до среќата, вели Дурчовски.

Трајко Дурчовски долги години изработува различни уметнички креации од железо.

Во рамките на својата досегашна уметничка работа има изработено над 100 слики од железо и повеќе од 90 скулптури со различни мотиви. Своите дела ги презентирал на 11 самостојни изложби во Охрид, Битола, Штип и на други места.

OhridNews