Вкупно 68,3 проценти од домаќинствата во Македонија имаат пристап до интернет од дома што е за 3,3 проценти повеќе во споредба со истиот квартал лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 65 отсто во 2013 година, на 67,7 отсто во 2014 година. Речиси сите домаќинства со интернет-пристап или 99, 1 процент имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет.

Во првото тримесечје од 2014 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 67,6 отсто, а интернет користеле 68,1 отсто. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 96,3 отсто.

Вкупно 55,2 проценти од корисниците на интернет во првото тримесечје од 2014 година употребиле мобилен телефон или паметен телефон за пристап на интернет надвор од дома или работа.

OhridNews