Од стапувањето во сила на Законот за домување до сега во општина Охрид регистрирани се вкупно 211 заедница на сопственици на станови. Како што информираат од локалната самоуправа, според бројот на регистрирани заедници Охрид се истакнува меѓу градовите со најисполнителни граѓани, со оглед на фактот дека кај повеќе од 80% од станбените згради досега е исполнета оваа законска обврска.

Општина Охрид може да се каже дека е град со најголем број регистрирани заедници на сопственици во однос на бројот на станбени објекти со повеќе од двајца сосптвеници, односно кои бројат повеќе од осум станови. Од понеделник нашите инспектори ќе излезат на терен и ќе ги започнат контролите со цел да се увиди кои граѓани сеуште не ја исполнале оваа законска обврска, вели раководителот на општинскиот инспекторат, Танас Танасоски.

При тоа, Танасоски додава дека во оние случаи каде е започната процедура за регистрирање на заедниците или за назначување на управител, нема да се казнуваат граѓаните. 

На 1- ви април завршува рокот  до кога станарите во колективните стамбени згради, треба да формираат заедница на станари или да назначат управител кој ќе се грижи за одржување на станбената зграда.
 
Доколку до овој рок станарите не определат управител или не регистрираат заедница на станари тогаш на барање на овластениот инспектор ќе биде определен управител од страна на судот во вонпарнична постапка.

За непочитување на одредбите од Законот се пропишани глоби во износ од 300 до 800 евра во денарска противвредност.

Т.К.