Над 80 пријави за настанати штети од невремето, пристигнале до Општинската комисија за проценка на штети. Најголемиот дел од нив се однесуваат на оштетени летни тераси од кафулињата во стариот дел од градот, оштетени кровови, паднати дрва, оштетени автомобили од паднати дрва, како и пријави за поплавени дворови во Пештани.

– Вчера и денес се евидентираа пријавите, а од утре општинската комисија излегува на терен за да се утврди висината на настанатата штета. Откако ќе се изврши проценката, ќе биде изготвен елаборат кој ќе се достави до советот на општина Охрид. По неговото разгледување и одлука на советот ќе биде испратен до владата која треба да одлучи колкав износ на средства ќе бидат издвоени за надомест на настанатите штети. – вели Томе Наневски од Кризниот штаб на општина Охрид.

Од општинската комисија за проценка на штети велат дека согласно законските одредби, рокот за проценка на штетите, изготвување елаборат и доставување до републичката комисија, е шест месеци.

– Со испраќање на елаборатот до Рпубличката комисија за проценка на штети завршува нашата обврска, потоа останува на оваа комисија, односно на владата да одговори колкаво ќе биде обесштетувањето. – изјави Раде Вељаноски, претседател на Општинска комисија за проценка на штети од елементарни непогоди.

Состојбата по големото невреме кое го зафати охридскиот регион изминатиот викенд се стабилизира. Од локалната самоуправа потенцираат дека нивнте екипи заедно со јавните претпријатија и подружницата на ЕЛЕМ во Струга будно ја следат ситуацијата со цел веднаш да се реагира доколку тоа е потребно.

OhridNews