Во текот на последните осум месеци бројката на невработени охриѓани кои имаат универзитетски дипломи во континуитет изнесува околу 800 лица. Ова го покажуваат официјалните статистички показатели од месечната евиденција на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Според најзиниот последен извештај за бројот на невработени заклучно со мецес јули 2014 година, вкупно 810 охриѓани со завршено високо образование чекаат вработување. Оваа бројка е речиси една четвртина од вкупниот број невработени во Охрид кој изнесува 4.145.
Охриѓани сматаат дека бројот на невработени со завршен факултет е многу поголем од бројот кој се објавува во официјалната евиденција.
-Оваа бројка на невработени со факултет не е реална, бидејќи има голем број на невработени кои не се пријавуваат во Агенцијата за вработување како невработени или се избришани од евиденцијата. Еве јас имам завршено економски факултет и бидејќи сум пријавена за здравствено осигурување на име на сопугот, моментално ме нема во ниту една евиденција како невработена. Имам и неколку пријателки кои исто така имаат завршено факултет, но не се пријавуваат во Центарот за вработување, вели Ивана (28) од Охрид.
Освен лицата со завршен факултет, мака со наоѓањето на работа во Охрид имаат и 45 охриѓани со магистерско звање, како и 188 лица со вишо образование. Во евиденцијата на невработени во Охрид се запишани и 1.215 лица со завршено средно образование. Втори по бројност се невработените со непотполно средно образование со бројка од 974 лица, а трети по бројност се невработените со основно образование или 913 лица.
Регистарот на Агенцијата за вработување, веќе неколку години последователно покажува дека повеќе од половина од евидентирните невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години. Од вкупно 4.145 невработени лица, заклучно со крајот на јули годинава, дури 2.492 се постари од 40 години. На возраст од 30 до 40 години запишано е 741 невработено лица, а преку Центарот за вработување во Охрид работа бараат и 912 лица, помлади од 30 години.
-Не сум на евиденцијата во Центарот за вработување, веќе неколку години, но се пријавувам на секој објавен оглас кој ќе го видам. Порано ме викаа на интервјуа, но откога наполнив 40 години повеќе не ме повикуваат на интервју, а во голем број огласи за вработување во условите за аплицирање стои дека кандидатот не треба да е постар од 30 години, вели друг наш соговорник кој има 42 години и е дипломиран правник.
Инаку според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани доминират мажите со бројка од 2.304 невработени или 463 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 1.841 место.
Е.М