Бидејќи капацитетот на охридската градинка „Јасна Ристеска“ е исполнет до максимум, управата на градинката била принудена да изготви листа на чекање, на која во моментов се запишани 94 дечиња.
Родителите чии што деца сеуште не се примени во градинка, бараат од надлежните да се овозможи отварање на повеќе групи.
-Моето дете има 5 години, ги поднесовме документите за прием, но не информираа дека капацитетот на сите клонови во градинката е исполнет и дека ќе може да го донесеме детето кога ќе се отпише друго дете од неговата возрасна категорија. Јас до сега немав потреба да го носам детето во градинка зошто бев невработена, но сега веќе почнав да работам и навистина имам потреба, бидејќи немам на кого да го оставам, вели загрижена мајка која се обрати до нашата редакција.
Таа нагласи дека доколку нема доволно место во градинката треба да се води сметка за тоа дали родителите на децата се вработени или не се вработени, бидејќи голем број родители ги носат своите деца во градинка иако немаат реботни обврски.
Од Управата на градинката потврдуваат дека интересот за упис е многу голем, но градинката нема услови да прими толку многу деца.
-Моменталниот интерес за упис наликува на интересот кој бил евидентиран пред 20-тина години кога сите охридски фирми работеа. Во моментов во сите објекти на градинката се запишани и се згрижуваат вкупно 837 деца. Поради големиот интерес неодамна се донесе одлука на Советот на општина Охрид да се примаат деца во групите и над нормативите кои што се дадени од министерството. Иако веќе ја исполнивме таа квота од 3 до 5 деца повеќе во група, сепак повторно имаме голема листа на чекање, вели вели Роза Костеска, директор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Според неа причината поради која има толку голем интерес за упис во градинка е самата активност на градинката, преку која постојано се анимираат децата и која е исклучително корисна и за нивниот развој.
-Друга причина е ниската цена за престој во градинката која изнесува 1.490 денари, што е 64 денари на дневна основа по дете. За оваа дневна цена дечињата добиваат по три оброци, а плус истите се згрижени, воспитани и образовани. Исто така со носењето на своите деца во градинка, родителите на некој начин си ја купуваат својата слобода, појаснува Костеска.
Таа се надева дека бројот на дечиња кои се наоѓаат на листата за чекање ќе биде намален со отворање на дисперзираната градинка во просториите на основното училиште „Кочо Рацин“ во населбата „Радојца Новичиќ“, која се очекува да биде отворена наскоро.
Е.М