Голем број угостителски објекти ќе бидат дел од „Белата ноќ“ со која во сабота ќе се одбележи официјалниот почеток на туристичката сезона во Охрид.

–    Интересот на угостителите е огромен, над 90 угостителски објекти активно ќе бидат  вклучени во манифестацијата, чии цени на услуги вечерта ќе бидат со попуст од 10 до 30%.  Ќе бидат подготвени флаери со список на објектите, а самите ресторани и кафулиња ќе бидат означени со специјални маркери на кои ќе биде истакнат процентот на попустот, информира раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.


Манифестацијата која годинава се одржува за прв пат,  ќе започне со концертот на големата македонска музичка ѕвезда Каролина Гочева, Панчо и ДНК, по што ќе следи и забава со ди-џеј сетови на  Lafonque и Iceberger.

– „Бела ноќ“ ќе се одржува секоја година, на почетокот на месец јуни, на точно утврден датум. Како и оваа година така и наредните, манифестацијата ќе биде проследена со голем број пропратни спектакуларни настани кои засега остануваат изненадување за посетителите. Целта на организирањето на еден ваков настан е да се збогати туристичката понуда и да се продолжи сезоната, вели секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески .

Во рамки на „Белата ноќ“ на штандови поставени на  три локации, ќе се врши промоција на различни туристички сегменти. На плоштадот Крушевска Република, кај Чинарот ќе се врши промоција на руралниот туризам, кај Долна Порта на занаетчиството и традиционални прозиводи и на градскиот кеј , промоција на алтернативни форми на туризам.

Од локалната самоуправа,  најавуваат  спектакуларно затворање на официјалната туристичка сезона, но не откриваат детали за настанот, освен дека ќе се одржи надвор од градот и дека акцент ќе биде ставен на традиционалната храна и пијалоци.

Т.К.