Македонија е на врвот во регионот по бројот на смртни случаи од Ковид 19, покажуваат анализите на Светската здравствена организација и специјализираните организации кои го следат развојот на пандемијата која зазема загрижувачки размери. Земјава има 354 смртни случаи на 1 милион жители. Зад нас се Косово (помалку од 300 случаи), Албанија 133, Србија 86, БиХ 257, Хрватска 67, Словенија 72, Бугарија 116, Грција 37 смртни случаи на 1 милион жители, покажува статистиката на Ворлдметар – коронавирус.

Само денеска во земјава починале 8 пациенти од Teтово (73г), Струмица (58г), Делчево (55г), двајца од Струга (80 и 74г) и тројца пациенти од Скопје (53,76 и 82г). Сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Досега во земјата се направени вкупно 187.080 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 17786, бројката на оздравени пациенти е 14801, на починати е 737, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2248.

Состојба со Ковид 19 во светот на 29.09.2020

На светско ниво, бројот на починати надмина 1 милион, а во моментов активни се 7,7 милиони случаи на Ковид 19. На врвото во светски рамки се САД со 210.349 смртни случаи и 25.000 нови случаи дневно, пред Индија која бележи рекордни 76.205 нови случаи денеска, Бразил и Русија.

САД на врвот по бројот на смртни случаи, Индија по број на новозаразени

Светот е во исчекување на вакцината против Ковид 19, која не се очекува до крајот на годината, иако неколку истражувања даваат охрабрувачки резултати. Од друга страна во Русија каде се регистрирани две вакцини, доаѓаат информации дека против опасниот вирус болнички се вакцинирани над 5500 лица, но сепак се уште е рано да се зборува за ефикасноста, како и за евентуалните негативни појави од вакцината против Ковид 19.

Од друга страна, пак, голем број европски земји по зголемувањето на бројот на новозаразени најавија дека ќе воведат нови, построги мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, вклучително и ограничување на патувањето, скратување на работното време на угостителските објекти и ограничување на јавните собири.

 

Г.М.

Филипче: Набавуваме брзи тестови кои за 15 минути детектираат Ковид-19