Подрачното одделение при Агенцијата за катастар на недвижнини во Охрид е едно од најпроблематичните во земјава, изјави директорот на агенцијата, Љупчо Георгиевски, кој со свои соработници од денес до сабота по неколку часови ќе минува во охридскиот катастар, каде ќе може да ги чуе поплаките и проблемите на охриѓани.


 
Дали поради атрактивноста на земјиштето  или поради недоволно доброто функционирање на одделението , во Охрид имаме најголеми проблеми. Во текот на изминатиот месец при контрола, најдени се над сто нерешени предмети  во различни фиоки во канцелариите при подрачното одделение на катастарот. Бројка што не е за занемарување. Првичните податоци укажуваа на шеесеттина нерешени предмети, во што јас се посомневав, поради што и пратив контрола во која беа откриени над стотината предмети. Поради тоа беа и сеуште се превземаат строги санкции, дисципплински постапки, дури и отпуштања од работа. Проблемите во Охрид сметам дека освен што се должат на неажурноста на вработените,  дел се и поради усмерувањето на граѓаните во погрешен правец при поднесувањето на барањата, изјави Георгиевски.


Тој нагласи дека се надева дека во голема мера проблемите во одделението во Охрид ќе бидат решени со скорото стартување на електронскиот катастар.

За месец или два ќе проработи и електронскиот катастар, што ќе придонесе за поедноставување на постапката за вадење документи, а за нас особено е важно што ќе може да се следи работењето на вработените. Секој кој поднесува барање во електронска форма ќе биде евидентиран со минута и секунда. Вработениот има законска обврска во рок од 15 дена да постапи по предметот, што не значи дека треба позитивно да се одговори, но не значи и дека треба месец или  два предметот да стои во фиока, нагласи директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Георгиевски најави дека во иднина охридскиот катастар повеќе ќе биде отворен кон медиумите, затоа што тие се средството за комуникација со граѓаните кои треба да се информирани за сите случувања околу катастарот.

Посетата на првиот човек на Агенцијата за катастар на недвижнини во Охрид е во рамки на организираните Средби со граѓаните , кои петта година по ред се одржуваат помеѓу стручните тимови на катастарот и граѓаните.


Своите поплаки и забелешки, охриѓани ќе имаат можност да им ги кажат на претсставниците на катастарот од  денес  до сабота, од 9 до 18 часот, во подрачното одделение на Агенцијата за катастар на недвижности.

Средбите се одржуваат со цел да се надминат и решат проблемите на граѓаните од областа на катастарот и истовремено да се запознаат со новините во работењето на агенцијата.