Даниел Колерер, австриски тенисер кој е доживотно суспендиран поради местење на натпревари, со една своја изјава би можел да направи вистински хаос на тениската сцена.

Тој без ’влакна на јазикот’, во изјава за еден австриски магазин, која ја пренесе швајцарскиот „Блик“, рекол дека повеќе никој не верува дека Рафаел Надал не се допингува.

„Надал се допингува, тоа е јасно. Седум месеци не играше, се врати во февруари, а потоа освои 10 од 13 турнири на кои играше. Тоа е невозможно, едноставно невозможно! Тоа се говори, не сакам јас ништо да кажам. Никој не верува во неговата приказна“, рекол Колерер.

Потоа тој открил уште една мистерија, но прашање е дали е мистерија или негова теорија на заговор. „Во тенискиот свет кружат приказни дека неговата повреда била начин да се сокрие вистината за допингот. Доколку е тоа вистина, доколку е позитивен, се прашувам како тоа ќе влијае врз тенисот“, рекол Колерер.

Како активен тенисер Колерер, на АТП листата во 2009 година го имал најдобриот пласман на 55-то место, истата таа година стигнал и до третото коло на УС Опен. Меѓутоа, како активен тенисер тој вниманието повеќе го привлекувал со скандалите отколку со добрите резултати.

Пред две години поради местење на резултати, тој доби доживотна суспензија. Поради своето однесување тој го носи прекарот „Лудиот Дени“.

„Макфакс“