Пред претставниците на секторите за локален економски развој, туризам и транспорт од општините Охрид и Струга, деновиве во Охрид, беше претставена надградената и дополнета Андроид апликација „SW Macedonia Attractions“, која е наменета за посетителите што доаѓаат во Регионот, а со цел да се претстави богатото природно и културно наследство, како и можностите за рекреација.
Апликацијата, што ја изработи Центарот за развој на Југозападниот плански регион, во соработка со тимот на ГД и Нет од Скопје, презентира над 100-тина значајни туристички локалитети во деветте општини од Регионот, развиени на ГИС платформа со реални различни типови на мапи, со цел посетителите полесно да можат да стигнат до одредишната локација. Секоја атракција е претставена со соодветни информативни текстови и фотографии, при што гостите можат да креираат сопствени рутина движење и посета на локации по сопствен избор, без притоа да ангажираат водичи. Затоа, во апликацијата, е разработен и модул на локалниот транспорт до значајните туристички места, со возните редови на превозниците.
Покрај тоа, посетителите, имаат ретка можност да се запознаат и со можностите за алтернативни туристички активности, како што е пешачењето, планинарењето, спелеологијата, велосипедизмот, лов и риболов.
Апликацијата содржи и календар на најзначајните културни настани што во текот на целата година се организираат во Регионот. Оваа нова алатка, која има можности за надрадување со нови дополнителни содржини, а со цел да се изврши севкупно претставување на туристичките потенцијали на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, е бесплатна и сите корисници на паметни уреди кои функционираат на Андроид платформа можат да ја преземат од Play Store.
OhridNews













