Синоќа беше одржан неколкучасовен протест од страна на дел од жителите на улицата Коста Абраш, чии куќи гравитираат околу клубот Џез Ин. Како што тие потенцираа, протестот се организира поради постојаното нарушување на јавниот ред и мир и незаконското работење на клубот.


 
Како што истакнаа учесниците на протестот, на ваков чекор се решиле поради проблемот кој со години се провлекува-  големата бука и нарушување на јавниот мир од страна на посетителите на клубот. 

– Ноќе не можеме да спиеме, има галама на улица и до 6 часот наутро. И туристите  реагираат, навечер не можат да спијат мирно па затоа си одат, велат дел од жителите.

 Организаторот на протестот, Љупчо Поп Стефанија, ги повика надлежните кои ги издаваат дозволите за работа на угостителските објекти да ја преиспитаат издржаноста на своите одлуки.


– Се надминуваат сите граници. Клубот не го почитува работното време, до раните утрински часови посетителите седат надвор, има непријатни случувања, тепачки, викаат, уринираат, ги оштетуваат нашите автомобили. Добивме подршка и од градоначалникот и месната заедница, со цел да се среди општиот хаос кој владее во вечерните часови во стариот дел од градот. Ако вака продолжи, наредната туристичка сезона ќе биде уште послаба, вели Поп Стефанија.

Сопствениците на кабарето Џез Ин, потенцираат дека и покрај законското право за поднесување тужби против лицата потписници на лажните и сериозни клевети и јавното медиумско понижување, засега, нема да поткренат никаква постапка и ќе се обидат преку разумен разговор да изнајдат взаемно решение околу галамата која се прави во текот на сезоната на улицата Коста Абраш.


– Синоќа, околу 23.30 часот еден од сопствениците на кабарето Џез ин, се пресретна со учесниците на протестот при што се обиде на културен и мирен начин да разговара со нив, но место нормална конверзација беше вербално нападнат од 3 личности од кои веќе 20 години сопствениците на Џез ин трпат тешки навреди,клевети, погрдни пцовки и лажни пријавувања во полицијата. Иако сопственикот на Џез Ин, се обидуваше да ги смири и да разговараат  на цивилизиран начин, толпата се погласно и погрдно го навредуваше и упатуваше пцовки и сериозни закани, по што сопственикот ги посоветува да си ја бараат правдата на легален начин, низ надлежните органи на државата и се повлече од толпата, стои во официјалниот став испратен од страна на сопствениците на клубот Џез Ин.

Синоќа, местото на протестот беше обезбедувано од поголем број припадници од охридската полиција. 

OhridNews