Надлежните институции различно гледаат на проблемот со бучавата во Охрид во летната туристичка сезона, на што се жалат и граѓаните и туристите. Според општинскиот инспекторат, бучавата е најголема во ноќните часови, а причина се гласните забави покрај, но и на Охридското Езеро.
-Најмногу прекршувања на кои се жалат граѓаните се од плажите во ноќните часови и исто така од бродовите каде се организираат забави. Бродовите исто така ќе бидат исконтролирани дали ги исполнуваат условите да работат како угостителски објекти, при што од езерото се шири бучавата низ целиот дел на градот.-изјави Никола Милески од општинскиот инспекторат
Од Капетанијата на пристаништата не се согласуваат со инспекторатот дека бродовите го нарушуваат мирот на граѓаните, укажувајќи дека поради лошите временски услови ова лето ноќните крстарења по Охридското Езеро значително се намалени.
-Бродовите никогаш не можат да создадат голема бука од аспект што тие никогаш не се стационираат на брег, туку поминуваат во пловидба, и да се случило некогаш да има малку погласно музика во еден определен потег на градот бродот не се задржува повеќе од неколку секунди, односно минути така што апсолутно од страна на бродовите нема основа да се размислува дека го реметат јавниот ред и мир на граѓаните во Охрид.-вели Горан Устијаноски, раководител на Капетанијата.
Од Капетанијата на пристаништата информираат дека нивните инспекциски служби вршат секојдневни контроли на Охридското Езеро и дека оваа сезона, до сега, не се регистрирани посериозни безбедносни прекршувања во водниот сообраќај. При контролите пак на општинскиот инспекторат на плажите и угостителските објекти на крајбрежјето, регистрирани се три случаи на пречекорување на дозволеното ниво на бучава, а на прекршителите им е изречена глоба во висина од 800 евра.
Г.М.