До Апелациониот суд во Битола, во чија надлежност е охридскиот Основен
суд, до сега не е пристигнато барање за изземање на Основниот суд- Охрид од
предметот за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, кое се случи во август
минатата година во центарот на Охрид.
Информација за изземање на охридскиот суд не пристигнала до адвокатите
на одбраната, ниту пак до јавното обвинителство. Судиката Милка Таневска која
го води предметот, како и претседателот на Основниот суд, за тоа дознале од медиумите.
Инаку, информацијата дека судењето за убиството на српскиот турист се сели од Охрид во Битола, ја пренесе „Утрински
весник“, кој како што беше пренесено, дознал од судски извори. Скандалозниот почеток на судењето беше наведено како главна причина за изземањето на охридскиот суд од натамошно постапување. Покрај
неснаоѓањето со овој предмет, наводно, на
Основниот суд во Охрид многу забелешки му се упатувале и за водењето
на случајот со потонувањето на бродот „Илинден“, во кој загинаа неколкумина бугарски
државјани.
Судењето за убиството на српскиот турист
Дејан Новаковиќ (34) во охридскиот Основен суд почна минатата недела со распит на обвинетите.
За свирепо убиство обвинети се две лица од Охрид, а уште едно се товари за
помагање по извршено кривично дело. Истовремено за свирепо убиство пред
Основниот суд во Охрид се води процес и против уште едно лице државјанин на
Република Србија, кој засега е недостапен за органите на прогонот.
OhridNews