Бучавоста, нелегално поставените тезги, прекорачувањето на работното време на угостителските објекти и останатите проблеми кои се присутни во летниот период, надлежните ќе ги решаваат со здружени сили и меѓусебна соработка. Ова беше најавено на денес оддржаниот состанок во проширен состав на општинскиот совет за превенција.


Согласно законот за инспекциски надзор, заедничкиот настап на инспекциските  служби при решавање на проблемите е обврска. Без соработка, проблемите не можат да се решат, вели раководителот на општинскиот иснпекторат, Танас Танасоски.

Како што потенцира градоначалникот Александар Петрески, кој заседаваше со состанокот на советот за превенција, според првичните показатели оваа туристичка сезона ќе биде подобра од минатата. Со тоа во градот се очекува и поголем број гости, па затоа соработката на надлежните е неопходна со цел превентивно да се дејствува.


Се договараме сите заедно да работиме за да ги отстраниме сите негативности .Идејата е, ако оцениме дека нешто е негативно, не е важно со која испекција тоа ќе треба да се реши, најважно е да делуваме заедно. За некои работи поддршка ќе треба и од полицијата, чие присуство е неопходно, затоа што тие се и единствените надлежни кои вршат легитимирање на лицата кои ги прекршуваат законите, нагласува Петрески.

Во позитвните ефекти од заедничкото решавање на проблемите се уверени и од подрачната единица на Пазарниот инспекторат, од каде информираат дека засега не се забележани позначајни отстапувања во однос на работно време на угостителските објекти, но најавуваат дека контролите ќе се интензивираат.


– Извршените контроли покажаа дека нема поголеми нарушувања на законот за угостителска дејност, иако нашите служби не може да се на терен во текот на 24 часа. И понатаму ќе вршиме контроли заедно со инспектори од другите градови и ќе делуваме некаде превентивно, а некаде ќе затвораме, нагласува раководителот на подрачниот Пазарен инспекторат, Ѓорѓи Бошалески.

Надлежните потенцираат дека нивните заеднички акции ќе стартуваат уште денес , но не откриваат каде и точно во кое време од денот.

Т. Кувенџиска