Сообраќајниот знак за забрането паркирање како воопшто да нема значење за бројните возачи кои своите автомобили секојдневно ги паркираат на дел од улицата Јане Сандански, пред Комерцијална банка. “ Поради тоа што неправилно  се паркираат, ги блокираат нашите возила и при сопствени автомобили принудени сме да користиме такси превоз” , велат жителите од оваа улица. Објаснуваат дека неколку пати се обратиле до полицијата и пајак службата, но воопшто не било одговорено на нивните барања за отстранување на неправилно паркираните возила пред нивните куќи.


Од СВР признаваат дека е направен пропуст што не се казнуваат сопствениците на неправилно паркираните возила, но потенцираат дека доаѓа до забуна кај возачите поради тоа што сеуште постои хоризонталната сигнализација која важеше во летниот период, и според која паркирањето не беше забрането. “ Неколку пати побаравме од Одделението за сообраќај при Локалната самоуправа да ја избришат хоризонталната сигнализација, но тоа не го направија” , вели Страшо Миленкоски од СВР.

Па така, Јане Сандански е една од ретките улици во светот на кои истовремено постои и вертикална и хоризонтална сигнализација, но со спротивно значење. Според едната- паркирањето е забрането, а според другата- не.  Очигледно е и дека никој не се обидува да им разјасни на возачите која сигнализација треба да ја почитуваат.


Од Локалната самоуправа објаснуваат- обврска на Одделението за сообраќај е во договор со Сообраќајната полиција при СВР да го усогласи режимот на сообраќај на улиците и според тоа да постави сообраќајни знаци. “ Почитувањето на сообраќајните знаци , односно правилното или неправилното одвивање на сообраќајот е исклучиво во надлежност на сообраќајната полиција” , вели портпаролот на Локалната самоуправа, Никола Манески.  

На кој начин ќе се одвива ова лето сообраќајот по овој крак од улицата Јане Сандански, како и на останатите улици во централното градско подрачје,  ќе се утврди со Програмата за режимот на сообраќај, која се очекува да биде усвоена на следната седница на Советот на општина Охрид, закажана на 27- ми овој месец.  

Тања Кувенџиска