Доделена е наградата „Браќа Миладиновци“, за која конкурираа вкупно 31 поетски дела, а во пресрет на почетокот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, јавува „Макфакс“.
Комисијата во состав Димитар Пандев, претседател и членовите Нехас Сопај и Ангелина Бановиќ-Марковска, со мнозинство гласови одлучи наградата да биде доделена за книгата „Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање од Владимир Мартиновски.
„Стихозбирката Квартети се создаде како еден вид истражување на можностите на поетската реч, пред се низ дијалогот со сликарството и музиката. Добар дел од песните се со еден визуелно-поетски омажи на музичари и сликари чиишто дела постојано ме поттикнуваат и ме инспирираат. Затоа, наградата Браќа Миладиновци за мене е едно големо охрабрување и ги продолжувам интермедијалните истражувања преку самата поезија“, изјави наградениот поет преку писмо за медиумите.
Наградата за Златен венец на поезијата за годинава му припадна на бугарскиот писател, Љубомир Левчев а наградата на УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата, Мостови на Струга, му припадна на младиот поет од Естонија, Сим Кера.
Фестивалот започнува на 19-ти август со предвидената богата програма како и со воведување на отворена поетска сцена која ќе функционира 24 часа за време на фестивалските денови во Струга, пред фонтаната на хотел „Дрим“.
За прв пат годинава, исто така се организира Азербејџанска вечер со музика и поезија од азербејџански писатели.
Директорот на фестивалот, Данило Коцевски изјави дека се најавени 60 поети од странство и традиционалното издавање на книгата „Кој е кој“, која целиме да стане антологија на светската книжевност.
извор: „Макфакс“