На последната IESO 2022, Светската олимпијада за геонауки, младиот охриѓанец Борче Исакоски, средношколец од ПСУ Јахја Кемал, во конкуренција од 200 натпреварувачи од целиот свет, во својата колекција на освоени награди и медаљи, ја стави и наградата Earth System Pledge.
Нашата земја и нашиот убав Охрид можат да се гордеат со извонредните млади таленти кои секој свој настап на светските олимпијади го завршуваат со успех и меѓународно признати награди.
Учеството на светската олипијада за геонауки, Исакоски заедно со уште три члена од националниот тим, ја обезбедија преку селекциониот натпревар на државно ниво, организиран од Македонското Географско Друштво. Повеќе од една година, целиот тим се подготвувал и напорно работел преку теренски проекти и онлајн работилници заедно со професорите од ПМФ.
Учеството на светски признатите олимпијади само по себе е голем успех за амбициозните млади луѓе, а дополнително да се биде дел и од пиедесталот на таквите натпревари, само го зголемуваат ентузијазмот и мотивираноста да се тежнее кон повисоки цели и надоградување на своето знаење.
Инаку, Олимпијадата се одржа во Италија, во периодот од 26 до 31 август, во кој период учесниците имале богата програма на презентации, индивидуални тестови, натпревари меѓу интернационални екипи, професионално изготвени видеа и слични содржини.
OhridNews












