Наградата „Живко Чинго“ оваа година се доделува за расказот „Трансакција“ испратен под шифра „Мува“. Одлуката ја донесе трочлената жири комисија во состав Славе Ѓорго Димоски, Ирена Бачиќ и Зоран Јакимоски.

Како што беше објаснато од страна на претседателот Ѓорго Димоски, на конкурсот биле испратени 48 раскази од кои 2 не ги исполнале условите. Квалитетот на пристигнатите раскази варирал, но десеттина се издвоиле со своите високи естетски квалитети, како на содржински, така  и на стилски и структурален план. Во испратените раскази биле обработени теми повразни со човечката животна и духовна егзистенција.


Расказот Трансакција обработува современа , урбана тема, во која на некој начин сите ние сме заробени и можеме да се препознаеме . Двата лика во расказот се типови од нашето секојдневие и ги препознаваме на секој чекор и при секоја средба со нив. Јазикот на кој е пренесена приказната е лесно прифатлив, близок до поширока читателска публика така што придонесува содржината да се восприми во еден здив, истакна  претседателот на жири комисијата, Славе Ѓорго Димоски.  

Од вкупно испратените 48 текста, во потесен круг влегле три раскази: „ Момини солзи“, под шифра Момини солзи, „Парапанисад“ под шифра Парапанисад и расказот „Трансакција“ под шифра Мува.

–  Изненадена сум од квалитетот на поголемиот број пристигнати раскази, кои изненадуваат со обработената тема и стилот кој кај повеќето од нив е висок. За овие три раскази морам да кажам дека и трите можеа да се носат со приматот победник на конкурсот, но ете мораше да се одлучиме за еден. Останатите два беа дијаметрално различни од првонаградениот, според тематиката и композицијата, содржат архаични зборови кои придонесоа во вредноста на нивното стилско изразување, изјави проф. Ирена Бачиќ, член на комисијата.

Зоран Јакимовски, истакна  дека пристигнатите раскази на конкурсот понудиле успешни текстови на веќе обработени и оргинални теми.

Останува фактот дека трите раскази кои влегоа во потесниот круг се наметмнаа над другите. Сепак расказот „Трансакција“ заслужено е победник на овој конкурс, но и другите два не заостануваа, изјави Јакомовски.

Поради фактот што од година во година интересот за конкурсот е се поголем , како и квалитетот на пристигнатите раскази, жири комисијата со предлог до Комисијата за култура при општина Охрид, во иднина да се доделуваат три награди за да се избегне неправдата кон останатите раскази кои го заслужуваат високото признание.

Паричната награда во висина од 30 илјади денари на добитникот ќе му биде врачена на 13 август во рамките на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ што се одржува под манастирот „Света Петка“ во атарот на селото Велгошти .

Т.К.