Министерството за здравство подготви предлог закон за формирање слободна здравствена зона, кој ќе биде ставен на понатамошно разгледување, а проектот е предвидено да се реализира до 2017 година.

Како што информира министерот за здравство, Никола Тодоров, се очекува слободната здравствена зона да биде формирана во близина на Скопје на површина од околу 15 хектари во која свои болници ќе изградат странски компании, а ќе се формираат и здравствено високо образовни институции во кои ќе предаваат професори од реномирани светски универзитети.

Тодоров додаде дека целта на овој предлог е со формирањето на слободната здравствена зона да се овозможи развој на здравствен туризам, привлекување на странски капитал за воведување на нови здравени методи и постапки, трансфер на нова технологија, зголемување на конкурентноста и вработувањето како и зголемување на квалитетот на високо образовната понуда од областа на медицината.

Странските компании кои ќе сакаат да инвеститраат во слободната здравствена зона и да изградат свои клиники ќе добијат огромни поволности од страна на државата меѓу кои и царински и даночни ослободувања. Со договорот за вршење на здравствена дејност, компаниите ќе се обврзат да донесат нови здравствени методи и постапки за превенција, дијагнстика и лекување на болести кои дотогаш не се користеле во Р.Македонија.

Договот со компаниите ќе биде 15 години, а доколку компанијата сака да го раскине договорот пред време ќе мора да ги врати сите поволности што ги земала.  Здравствените услуги во зоната нема да бидат достапни за граѓаните на Македонија и Косово во првите 10 години, се со цел да не се наруши конкурентноста.